Британската влада денеска соопшти дека на украинската војска ќе и испорача нови јуришни беспилотни летала за „спротивставување на руската агресија во Црното Море“.
„Лондон потпиша договор вреден 30 милиони фунти (35,7 милиони евра) со британската филијала на американската одбранбена технолошка компанија Anduril Industries“, соопшти британското Министерство за одбрана на маргините на посетата на министерот Џон Хили на Вашингтон.
Хили во текот на денот треба да се сретне со неговиот американски колега Пит Хегсет во Пентагон. Средбата доаѓа во време кога Американците најавија прекин на нивната воена и разузнавачка помош за Украина.
Договорот предвидува испорака на беспилотни летала кои можат да ја надгледуваат областа, а потоа да напаѓаат цели, се вели во соопштението на британското министерство, без да се прецизира колку беспилотни летала ќе бидат купени и испорачани во Киев.
„Ние сме посветени на постигнување безбеден и траен мир во Украина, што вклучува ставање на Украина во најсилна можна позиција за да се одврати понатамошната руска агресија“, рече Хили, додавајќи дека Велика Британија веќе им испорача „повеќе од 10.000 беспилотни летала“ на Украинците.
Минатата година, Лондон започна коалиција со Летонија за да го организира производството и испораката на илјадници беспилотни летала во Украина, кои станаа клучни на теренот за забавување на напредувањето на руските сили.