Барањето на Косово за статус на специјален гостин во Советот на Европа е повлечено од дневниот ред на Комитетот за политика на Парламентарното собрание на Советот на Европа, изјави во средата претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ.
Барањето на Косово беше закажано за дневниот ред на состанокот во среда (5 март), но беше повлечено на почетокот на седницата.
Во Србија тоа го нарекоа „вонредна вест“. Претседателката на парламентот Ана Брнабиќ изјави дека повлекувањето на Косово од барањето за овој статус „е важна победа“.
Специјалниот гостин има ограничени овластувања, согласно деловникот за работа на Парламентарното собрание. Специјалниот гостин може да заседава во Парламентарното собрание, но нема право на глас. Тие имаат право на говор со дозвола на претседателот на Собранието.
Косово минатата година беше блиску до влез во Советот на Европа, но апликацијата беше блокирана по барањето за формирање Заедница на општини со мнозинско српско население.