Предлог-повеќегодишна финансиска рамка на Европската Унија за периодот од 2028 до 2034 година и иницијативата на Шпанија за вклучување на каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик на листата на службени јазици на блокот ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК).
Средбата на министрите или државните секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе започне со презентација на претставници на Европската комисија на предлогот за следниот повеќегодишен буџет на блокот за по 2027 година, по што ќе следи политичка дебата за предложената рамка.
Со размената на мислења на ГАК по идната Повеќегодишна финансиска рамка во износ од 2.000 милијарди евра, што Европската комисија ја презентираше во средата, официјално почнуваат дискусиите меѓу земјите членки по предлогот.
ЕУ го воспоставува механизмот на Повеќегодишна финансиска рамка од 1988 година со цел да обезбеди стабилен план за финансирање на политичките приоритети на ЕУ, овозможување на предвидливоста на финансиите на блокот и буџетска дисциплина и за олеснување на подготовката на годишните буџети на Унијата.
По ова, членовите на ГАК ќе одржат размена на мислења за барањето на Шпанија за вклучување на каталонскиот, баскискиот и галицискиот јазик во Регулативата бр. 1/1958, со која се утврдуваат јазиците кои се во службена употреба во институциите на ЕУ.
Овој предлог Шпанија го достави за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2023 години и досега за него се расправаше на неколку заседанија на ГАК, но не беше постигната согласност за негово прифаќање.
Шпанија на 1 јули годинава побара иницијативата за измена на Регулативата одново да се најде на агендата на ГАК.
Покрај овие две прашања предвидено е Данското претседателство пред членовите на ГАК да го презентира својот план за спроведување на агендата за поедноставување на ЕУ.
Со Советот ќе претседава данската министерка за европски прашања Мари Бјере.