Бугарската агенција БТА објави дека Владата на Бугарија го одобри нацрт-договорот со Македонија за изградба и работа на прекуграничниот железнички тунел „Деве Баир“.
Оттаму информираат дека ќе се формира и мешовит комитет и ќе се разговара со македонската страна за текстот на договорот.
Според БТА, целта на договорот е да се направат јасни обврски и рокови за изградба на железничката пруга меѓу Бугарија и С Македонија.
„Министерството за транспорт и врски како страна на договорот предлага двете страни да преземат реални активности за реализација на објектот на железничкиот тунел, кој е железничка врска меѓу двете соседни земји. Изградбата на стратегискиот транспортен Коридор 8 е предуслов за комерцијална и индустриска размена, како на билатерална основа меѓу Бугарија и РС Македонија така е и за земјите од регионот“,стои во соопштението од бугарската влада.
Пред две недели бугарското Министерство за транспорт предложи да се потпише меѓувладин договор во кој ќе се прецизираат сите аспекти околу изградбата на железничката пруга меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.
Инаку, изградбата на пругата кон Бугарија изминатиов период беше доведена под знак прашалник откако вицепремиерот и министер за транспорт на земјава Александар Николоски отворено се спротивстави на продолжувањето на изградбата на третата делница (Крива Паланка – Деве Баир), обвинувајќи ја Бугарија дека нема проект за Коридорот 8.