Бугарија ја потврди поддршката за европскиот пат на Македонија, Мицкоски со критики

Министрите за надворешни работи на Бугарија и Македонија, Георг Георгиев и Тимчо Муцунски, остварија телефонски разговор во кој бугарскиот министер ја пренел одлуката на бугарското собрание од 30 мај за поддршка на македонскиот евроинтегративен процес.

Георгиев нагласил дека Софија останува цврсто на ставот од европскиот консензус од 2022 година и оти нема дополнителни услови надвор од францускиот предлог. Истиот став го повторила и заменик-министерката Елена Шекерлетова, која на македонската амбасадорка во Софија ѝ ја предаде одлуката на бугарското собрание, оценувајќи дека тоа е сигнал за доследната бугарска поддршка за Македонија.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека сè уште нема потврда за евентуална средба со бугарска делегација на претстојниот НАТО самит во Хаг. Тој додаде дека ќе контактира со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за да добие информации дали има одговор од Софија.

Мицкоски остро ја критикуваше бугарската политика, велејќи дека се користи членството во ЕУ како политичко оружје за решавање на историски прашања. Тој ја нарече оваа практика „несмасна дипломатија“ и повтори дека суштината на спорот не е само внесувањето на Бугарите во Уставот, туку, како што рече, обид за ревизија на македонскиот идентитет.

Според него, францускиот предлог го нарушил македонскиот идентитет, а за тоа директна одговорност му припиша на поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи. Мицкоски вети дека ќе продолжат да се борат за, како што рече, заштита на македонскиот народ и идентитет.

Зачлени се на нашиот е-билтен