Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Честитки од Лондон, Анкара, Стокхолм и Хелсинки за Трамп

 Лидерите на Велика Британија, Турција, Шведска и Финска му ја честитаа денешната инаугурација на новиот претседател на САД, Доналд Трамп.

Во честитката, британскиот премиер Кир Стармер рече дека „со векови“ односите меѓу двата народа биле „пример за соработка и трајно пријателство“.

„Заедно го одбранивме светот од тиранијата и работевме на нашата заедничка безбедност и просперитет. Со долгогодишната наклонетост на претседателот Трамп и историските врски со Обединетото Кралство, знам дека длабокото пријателство ќе продолжи“, рече Стармер.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во својата честитка изрази надеж дека „вториот мандат на Трамп носи добро за целото човештво“.

„Бидејќи Трамп повеќе пати рече дека ќе стави крај на руско-украинската војна, ние како Турција ќе направиме се што е потребно во тој поглед. Треба да го решиме ова прашање што е можно поскоро“, рече Ердоган.

Тој додаде дека ова прашање ќе биде на агендата на Турција во разговорите со новиот американски претседател.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон му упати на Трамп „топли честитки на полагањето заклетва како 47-ми претседател на САД“.

„Шведска со нетрпение очекува да ја продолжи блиската соработка со САД“, напиша тој во објава на X.

Финскиот претседател Александар Стуб во порака на Х рече дека му испраќа „искрени честитки“ на Доналд Трамп за неговата инаугурација како претседател на САД и оти „САД се клучен стратешки партнер и сојузник“ на Финска.

Зачлени се на нашиот е-билтен