Германија, Полска, Велика Британија, Франција и Италија што е можно поскоро ќе ги имплементираат новите цели на НАТО за вооружување и бројот на вооружени сили, кои ќе бидат договорени летово, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Зборувајќи по состанокот со четворица негови колеги во полскиот град Нова Вис, Писториус ја поздрави одлуката на НАТО да се договори за новите цели на алијансата во јули наместо во октомври како што беше првично планирано, додавајќи дека потегот е поттикнат од барањето на Германија.
– Ова ни купува многу време и можеме да почнеме со имплементација многу порано, рече Писториус на новинарите.
Министрите за одбрана на НАТО ќе се обидат да постигнат договор за нови цели за воени капацитети пред нивните лидери да се сретнат во Хаг од 24-26 јуни, рече шефот на воениот комитет на алијансата, холандскиот адмирал Роб Бауер, во интервју за Ројтерс.
– Ќе бараме договор пред самитот во Хаг за да се осигураме дека доколку има дополнителни тешкотии и доколку е потребно, лидерите ќе можат да ги решат тогаш, додаде тој.
Лидерите на НАТО минатата година се согласија на илјадници страници одбранбени планови кои, за прв пат по Студената војна, детално објаснуваат како Алијансата ќе одговори на руски напад. Сепак, документите открија значителен недостиг на противвоздушна одбрана и ракети со долг дострел, недостиг на работна сила, муниција и капацитет за безбедна дигитална комуникација на бојното поле, како и логистички тешкотии. Недостатоците треба да се поправат со нови цели кои првично требаше да бидат договорени на состанокот на министрите за одбрана на есен 2025 година.
На самитот во Хаг, лидерите ќе разговараат за зголемување на целта на НАТО за издвојување на два отсто од БДП за одбрана, при што некои експерти споменуваат три отсто како потенцијална нова цел. Доналд Трамп, кој се враќа во Белата куќа на 20 јануари, неодамна спомена цел од пет проценти.