Чупеска: Премиеру, ќе мора да им се извините на жртвите и нивните семејства – јавно, гласно и со покајание!

Потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, со реакција за односот на премиерот Христијан Мицкоски кон родителите и роднините на трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, на средбата во Владата на 7 јули.

Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“ објави дека премиерот Христијан Мицкоски на оваа средба им рекол на родителите и роднините „да си одредат цена за нивните деца“.

Чупеска од премиерот Мицкоски побара јавно извинување на жртвите и на нивните семејства.

„Не сум чула поморбидна сентенца, од онаа за чинење на цената за згаснатите животи. И, ова, не е обчина реплика во некој си хорот филм, туку е, ни помалку ни повеќе сентенца на премиерска фигура! Нема начин овој институционален хорор да биде оправдан со лигавења за полтичка прагма. Никаде нема такво нешто, па ни овде неможе да има! Премиеру, ќе мора да им се извините на жртвите и нивните семејства – јавно, гласно и со покајание!“, реагира Чупеска.

„Тоа беше втора средба со семејствата и ние би потсетиле дека премиерот за време на средбата од почетокот и до крајот разговараше и се поздрави изразувајќи сочувство со сите присутни поединечно и низа други гестови и иницијативи и работи кои од етички и човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија затоа што се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме. Сведување на дискусијата на „здраво како сте“ и „колку чини“ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно“, соопштија од Владата.

Родителите на децата кои загинаа во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во обраќање преку Фејсбук страницата на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“ го обвинија премиерот дека длабоко ги навредил на состанок во Владата одржан на 7 јули. Според нив, кога го разгледувал барањето за еднократна парична помош за душевна болка, премиерот им рекол: „Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца“.

Родителите на 1 јули испратиле барање и до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Со премиерот се сретнале на  7 јули во Скопје, иако инсистирале средбата да се одржи во Кочани, затоа што од Кабинетот им било одговорено дека тоа не е можно од безбедносни причини.

Зачлени се на нашиот е-билтен