Еуген Цаколи, експерт за следење на работата на парламентот од Косовскиот демократски институт (КДИ), денеска оцени дека Косово може да се соочи со институционална блокада.
Цаколи оценува дека по денешниот неуспех за верификација на мандатите на пратениците деветтото свикување на Собранието на Косово, одговорноста за натамошните чекори ја имаат Собранието и политичките партии, а улогата на претседателката Вјоса Османи заврши со свикување на седницата.
Тој рече дека „пред се, треба да биде јасно дека претседателката на државата нема консултативна или советодавна улога во однос на пратениците“.
-Сега е одговорноста на претседавачот со седницата да ја организира и да ги повика пратениците на следната седница, најдоцна во рок од 48 часа од моментот на прекинот. Нема причина претседателот да свика нова седница, рече тој.
„Одговорност сега имаат и политичките партии да се однесуваат не само со политичка зрелост, туку и во согласност со сите важечки закони“, рече тој.
Цаколи изрази загриженост за можноста за блокирање на најважната точка на дневниот ред – избор на претседател на Собранието.
Тој смета дека најпроблематична ќе биде третата точка на дневниот ред – избор на претседател, бидејќи, како што појасни, „Самоопределување како најголема партија по изборите на 9 февруари нема временско ограничување во кое мора да предложи име на кандидат за претседател“.
-Постои можност Самоопределување да не предложи име, што би предизвикало нова блокада, рече тој.
И во овој случај, како што наведе, „седниците мора да се свикуваат на секои 48 часа, бидејќи нема одредено време во кое Самоопределување мора да достави име, иако, во однос на уставното функционирање на институциите, тоа треба да го направи што е можно поскоро.
Тој рече дека рокот од 48 часа „може да создаде основа за уставни толкувања, во случај на упорно одбивање да се предложи претседател на Собранието“.
Тој го критикуваше начинот и тајмингот на оставките на министрите и премиерот, што доведе до гласање против ДПК, ДСК, АБК и СЛ за верификација на мандатот, оценувајќи го „како сигнал за можна институционална криза“.
-Впрочем, бидејќи тие оставки требаше да бидат поднесени не вчера или денеска, туку пред неколку недели кога беа констатирани изборите, нема друго правно и логично толкување зошто оставките не се поднесени навреме и согласно протоколарните процедури, рече тој.
Цаколи смета дека „ е јасно дека немањето гласови за Самоопределување за усвојување на извештајот е показател дека недостасуваат бројки за избор на претседател на Собранието“, што „претставува многу лош показател дека би можеле да се соочиме со ситуации на институционални блокади“.