„Стравот од уште еден потенцијално долг и непредвидлив процес само дополнително ја зголемува фрустрацијата кај нашите граѓани. Со многу непознати околу обемот и времето на претстојните пристапувања, секое понатамошно одложување би имало катастрофално влијание врз кредибилитетот на ЕУ во регионот“, рече македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на состанокот на министрите за надворешни работи на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Фокусот на состанокот кој се одржа денеска во Тирана, во рамките на албанското претседавање со иницијативата, беше ставен на проширувањето на Европската Унија во светло на новите геополитички околности и руската агресија врз Украина, чии последици се рефлектираат како на регионалната, така и на глобалната безбедност и стабилност, соопшти МНРиНД.
Министерот се осврна и на улогата на ЦЕИ, важноста на регионалната соработка, силното партнерство во рамките на НАТО Алијансата и поддршката за Украина.
– Целосно сме посветени на интензивирање на соработката, не само на меѓувладино и парламентарно ниво, туку и помеѓу нашите невладини организации, младите, научните институции, деловните заедници и локалните власти, додаде Муцунски, акцентирајќи ја потребата од заеднички напори за натамошно зајакнување на соработката во рамките на ЦЕИ.