Последните податоци на Државниот завод за статистика уште еднаш ја потврдуваат тешката економска реалност во која живеат нашите граѓаните.
Инфлацијата продолжува да расте, граѓаните имаат сè помалку пари во своите џебови.
Според податоците на Статистика, трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4% во споредба со истиот месец една година порано. Цените на основните производи пораснале за 4,3%. За илјадници семејства, тоа значи дека основните животни потреби стануваат недостапни. Месечната плата не е доволна ниту за најосновните трошоци.
Владата на ДПМНЕ, велат од СДСМ, не само што не реагира, туку активно придонесува за овој хаос и е директен соучесник во масовниот грабеж на граѓаните. Таканаречените „новогодишни кошнички“, кои требаше да донесат олеснување, завршија како фарса. Имено, цените на 63 основни производи, наместо да бидат намалени за 10%, биле зголемени за 397 денари.
Основните производи не само што не поевтинија, туку станаа луксуз за многу семејства. Зејтинот, јајцата, млечните производи, сѐ е поскапено, а во исто време нема раст на платите.
Само во изминатите неколку месеци, од џебовите на граѓаните се одлеани десетици милиони евра во интерес на големите трговски синџири.
Платите стагнираат, трошоците растат, и граѓаните се соочуваат со избори кои не треба да ги прават – дали да купат храна или да платат сметки.
Во меѓувреме, профитираат бизнис партнерите на власта и големите трговски синџири. Ова е директен резултат на економските политики што се водат – политики кои не се за граѓаните, туку за интересите на малкумина.
Само преку укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, воведување контрола на цените и зголемување на минималната плата ќе се намалат финансиските маки на граѓаните. Минималната плата мора да се покачи на 500 евра. Сѐ помалку од тоа е понижувачки за граѓаните.