Цените на нафтата денеска паднаа под 78 долари на меѓународните пазари, што ја одразува загриженоста на трговците поради знаците за забавување на кинеската индустрија, но и олеснување по смирувањето на тензиите меѓу САД и Колумбија кои се заканија со прекини во снабдувањето.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше 1,09 долари пониска во однос на затворањето на тргувањето на крајот на минатата недела и изнесуваше 77,41 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по 1,19 долари пониска цена, по 73,47 долари.
На почетокот на неделата, трговците се фокусираа на заканите од САД за санкции против Колумбија и знаците за слабеење на индустриската активност во Кина.
Американскиот претседател Доналд Трамп и се закани на Колумбија со санкции откако Богота рече дека нема да ги прифати мигрантите кои САД се подготвуваат да ги депортираат со авион. Колумбија на крајот се согласи со американското барање и САД ја повлекоа заканата, објави во неделата Белата куќа.
Соединетите Американски Држави беа дестинација на околу 41 отсто од колумбискиот извоз на нафта транспортиран со танкери минатата година, според податоците на аналитичката компанија Кплер.
„На пазарот владее општо негативно расположение. Санкциите не се наметнати, но (заканата) создаде нервоза дека Трамп ќе им се заканува на сите да го добијат тоа што го сака“, рече Бјарне Шилдроп од СЕБ.
„Пазарот е во основа неочекувано тесно снабдуван“, истакна Шилдроп, алудирајќи на повисоките цени за барели со пократко време на испорака.
Притисокот на цената беше повторениот повик на Трамп до членките на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) да ги намалат цените на нафтата со цел да ги намалат приходите на рускиот буџет и на тој начин да помогнат да се стави крај на војната во Украина.
„Ова би можело да се постигне многу брзо, меѓу другото, ако ОПЕК престане да заработува многу пари и ако ја намали цената на нафтата… Војната веднаш би престанала“, рече американскиот претседател, истовремено заканувајќи се на Русија „и на другите земји учеснички „ со царини и санкции доколку наскоро не се постигне договор за завршување на војната во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин изјави во петокот дека треба да се сретне со Трамп за да разговара за војната во Украина и цените на енергијата.