Европската унија соопшти дека жали поради незаверувањето на Српската листа од страна на Централната изборна комисија.
ЦИК во понеделникот одлучи да не ја заверува Српската листа. Причина за ова се националистичките повици на претседателот на Српската листа на Косово, Златан Елек, упатени при претставувањето на избирачкиот список.
ЕУ во изјава за приштинска KOHA вели дека процесот на сертификација „треба да се заснова на правни стандарди и процедури, а не на политички размислувања“.
„Сите квалификувани кандидати мора да имаат можност да учествуваат на слободни и фер избори, во целосна согласност со законот на Косово и неговата еднаква примена. Процесот на сертификација треба да се заснова на правни стандарди и процедури во согласност со важечкото законодавство, а не на политички размислувања. ЕУ нагласува дека изборниот процес мора да биде транспарентен, доверлив и без политичко мешање“, се вели во одговорот на ЕУ.
ЕУ очекува ЦИК и нејзините членови да обезбедат „со сите применливи механизми сеопфатен, сигурен и транспарентен изборен процес, овозможувајќи им на косовските гласачи јасно да го изразат својот избор“.
САД изразија загриженост за незаверувањето на Српската листа од страна на Централната изборна комисија за изборите на 9 февруари.
Амбасадата на САД во Косово во одговор за KOHA изјави дека е длабоко загрижена поради постапките на некои членови на ЦИК да не ги сертифицираат кандидатите на Српската листа.