Документарниот филм „No Other Land“ што го прикажува уништувањето на палестинската заедница на окупираниот Западен Брег, ја доби наградата за мир Преспа за 2025 година на Институтот „Алексис Ципрас“, а Палестинецот Басел Адра и Израелецот Јувал Абрахам наградата ја примија од Алексис Ципрас и Зоран Заев на маргините на Втората меѓународна конференција посветена на демократијата и социјалната правда, јави дописничката на МИА од Атина.
Доделувањето на наградата во преполната сала беше проследено со овации и аплаузи упатени и за поранешните премиери на двете зеји и за двајцата режисери.
Публиката паралелно скандираше и „Слобода за Палестина“, а режисерите им се заблагодарија и на присутните, и на организаторите за наградата.
Адра, обраќајќи им се на присутните порача дека „мир ќе се постигне само кога ќе постои еднаквост за луѓето и правда“.
-Овде сум и барам од политичарите, од Европејците да сторат нешто, да преземат сериозна акција, да воведат санкции за Владата на Израел, да наметнат прекин на непријателствата во Газа и Западниот Брег, да им се даде подобра иднина и подобар живот на жителите, порача Арда.
Абрахам рече дека нема што многу да додаде, но посочи дека е добро што се меѓу луѓе кои се интересираат за општествената правда.
-Ме прашуваат луѓето што нѐ зближи. Овде говорите за демократија, треба да сфатите дека во нашиот случај и говорам за Израел, не можеме да говориме за демократија кога милиони луѓе се контролирани од војската, не можат да гласаат и ова покажува дека овој систем во кој сме родени и двајцата е фундаментално неправеден, истакна Абрахам.
Лани, на првата ваква конференција, конкретната награда ја доби медијаторот во преговорите за името Метју Нимиц.
На панел-дискусија на конференцијата учествуваше и лидерот на СДСМ Венко Филипче, а паралелно се сретна и со лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас.