Црна Гора потпиша договори со ЕУ вредни 80 милиони евра

Министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, денеска потпиша финансиски договори со Европската Унија во вредност од 80 милиони евра за повеќегодишни програми за заштита на животната средина, вработувања и социјална инклузија, пренесе агенцијата Мина.

„Потпишавме два важни финансиски договори во вкупна вредност од над 80 милиони евра. Ова се европски средства што ќе стигнат до секој дел од Црна Гора за луѓето да имаат подобар живот уште денес“, изјави Горчевиќ. Таа нагласи дека овие договори се клучен чекор за зајакнување на капацитетите на државата за спроведување реформи и градење одржливо општество, како и потврда за посветеноста на Црна Гора кон европската интеграција и принципите на одржлив развој.

„Пораката е јасна: Црна Гора знае каде оди, верува во европските вредности и гради општество во кое развојот, еднаквоста и достоинството се реалност, а не ветување“, заклучи Горчевиќ.

Според Министерството за европски прашања, првиот договор, поврзан со Оперативната програма за животна средина и климатски промени, има за цел заштита и подобрување на природниот капитал на земјата, како и заштита на здравјето и благосостојбата на граѓаните од ризиците предизвикани од климатските промени. Програмата опфаќа четири клучни области: управување со урбаните води, управување со отпадот, заштита на природата и адаптација на климатските промени, со дополнителна поддршка за еколошкиот сектор. Вкупната вредност на оваа програма изнесува 48,5 милиони евра. Активностите се усогласени со клучните показатели од Акцискиот план за Поглавје 27 (Животна средина), дел од преговорите за пристапување во ЕУ.

Вториот договор се однесува на Оперативната програма за вработување и социјална инклузија, во вредност од 31,6 милиони евра. Оваа програма цели да промовира инклузивен и одржлив економски раст преку три главни области: инклузивен пазар на труд, социјална заштита и инклузија, како и зајакнување на административните капацитети. Програмата се стреми да создаде услови за целосно и продуктивно вработување и достоинствена работа за сите, особено за ранливите групи.

Пратеници од Европскиот парламент истакнаа дека овие активности го поддржуваат затворањето на преговорите за Поглавја 19 (Социјална политика и вработување) и 23 (Правосудство и основни права) и ја подобруваат подготвеноста на Црна Гора за ефективно спроведување на политиката на кохезија по идното пристапување во ЕУ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен