Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ го честиташе Денот на независноста на Естонија и предупреди дека следните цели на Москва би можеле да бидат земјите со големо население што зборува руски.
„Најопасниот момент е кога источноевропските земји имаат луѓе со руски корени – не затоа што тие самите претставуваат закана, туку затоа што Кремљ ќе ја искористи нивната безбедност како изговор за инвазија“, рече Зеленски.
Тој ги наведе Полска, Словачка, Летонија, Молдавија и Естонија меѓу потенцијалните цели на Путин. Тој рече дека слично сценарио се случило во 2014 година, кога Русија го анектираше Крим и ја започна инвазијата на Донбас.
„На самиот почеток тие рекоа дека не ги окупираат нашите територии, туку го штитат населението што зборува руски“, рече Зеленски. „Ако паднеме… Верувам дека сите тие земји што ги споменав се во иста опасност поради руската политика и нивното гледиште за концептот на „рускиот свет““, вели Зеленски.
Вчера, на третата годишнина од војната, 13 лидери на Европската унија се собраа во Киев, а уште 24 учествуваа на онлајн средба со Зеленски. Во Киев пристигнаа претседателите и премиерите на Канада, Данска, Естонија, Финска, Исланд, Латвија, Литванија, Норвешка, Шпанија и Шведска. На состанокот во Киев со западните лидери, тој повика оваа година да се воспостави „вистински и траен мир“ и да се разменат сите воени заробеници со Русија пред да започне дијалогот за завршување на војната.
Зеленскиј понуди оставка доколку тоа значи дека Украина може да биде примена во НАТО. Во пресрет на годишнината од инвазијата, Русија повтори дека нема да се откаже од територијата што ја зазеде во источна и јужна Украина. Таа исто така рече дека нема да прифати Украина да биде примена во НАТО.