Конклавата одлучува за папата, а фаворит е Паролин.
Папата Франциск беше погребан завчера во Рим, а сега сите очи се вперени во конклавата, таен состанок на кардинали кои ќе се соберат за неколку дена за да изберат нов поглавар на Римокатоличката црква.
Заедно со светските лидери и монарси, завчера околу 400.000 луѓе се собраа во Ватикан и на улиците на Рим за последно збогување со аргентинскиот папа.
Таквата маса луѓе беше доказ за популарноста на Франциск, енергичен реформатор кој се залагаше за правата на најсиромашните и најранливите.

Многумина од оние што тагуваат по починатиот папа, кој почина минатиот понеделник на 88-годишна возраст, изразија загриженост за тоа кој ќе го наследи.
„Тој ја трансформираше Црквата во нешто понормално, почовечко. Загрижена сум што ќе се случи“, рече Ромина Какаторе (48), Аргентинка која живее во Италија и работи како преведувачка.
Денес во девет часот кардиналите ќе го одржат својот петти состанок по смртта на папата, каде што се очекува да го објават датумот на конклавата.
Папскиот избор, кој се одржува зад заклучени врати во фреско-украсената Систинска капела, со векови е предмет на јавна фасцинација.
Кардиналите-избирачи ќе гласаат четири пати на ден сè додека еден кандидат не обезбеди двотретинско мнозинство, чиј резултат се објавува на светот со горење хартии од кои испуштаат бел чад.

Луксембуршкиот кардинал Жан-Клод Холерих изјави дека очекува конклавата да се одржи на 5 или 6 мај, по деветдневна жалост што завршува на 4 мај.
Германскиот кардинал Рајнхард Маркс им изјави на новинарите дека конклавата ќе трае само „неколку дена“.
Тој потврди дека дебатата за следниот папа е отворена, нагласувајќи дека „не станува збор за конзервативизам или прогресивизам“.
„Новиот папа мора да има универзална визија“, рече Маркс.
Повеќе од 220 од вкупно 252 кардинали присуствуваа на погребот на Папата и повторно се собираат денес попладне во базиликата Света Марија Велика за да му оддадат почит на гробот на Франциск.
Денес во базиликата „Свети Петар“, Пјетро Паролин, државен секретар под Франциск и главен кандидат за следен папа меѓу неколку фаворити за нов поглавар на Римокатоличката црква, ја предводи мисата.
Само кардиналите под 80 години имаат право на глас на конклавата, а моментално ги има 135 – од кои повеќето се назначени од самиот Франциск.
Но, експертите не претпоставуваат дека некој како него ќе биде избран.
Франциск, поранешниот надбискуп на Буенос Аирес, кој сакаше да биде меѓу верниците, беше многу различен од својот претходник Бенедикт XVI, германскиот теолог.
Сепак, Бенедикт XVI беше значајна промена од неговиот полски претходник, харизматичниот и исклучително популарен Јован Павле Втори.
Некои кардинали ја признаа тежината на одговорноста што е пред нив при изборот на нов поглавар на 1,4 милијарди католици во светот.
„Се чувствуваме многу мали. Мораме да донесуваме одлуки за целата Црква, па затоа навистина мора да се молиме за себе“, рече Холерик.