Во македонското Собрание денеска се одржа дебата за придобивките од Реформската агенда 2024 – 2027, во контекст на процесите на евроинтеграција на Македонија и на западен Балкан. Дебатата беше во организација на Комисијата за европски прашања (КЕП) и на Националниот совет за евроинтеграции (НСЕИ).
Во рамки на Дебатата за Реформската агенда 2024 – 2027, со фокус на можностите за забрзување на процесот на интеграција во ЕУ и зајакнување на клучните институции, претседателот на Собранието Африм Гаши истакна дека овој настан е одлична можност да ја потврдиме нашата заедничка определба и посветеност за европската иднина, како единствена алтернатива за нашите граѓани.
Тој нагласи дека Реформската агенда, усвоена од Европската комисија, претставува стратешка рамка со јасни цели и определени рокови, но истовремено е патоказ кој ја носи нашата земја кон институционални и социјални трансформации.
Собранието, додаде претседателот Гаши, е и ќе остане партнер во овој процес, што е обврска која ја имаме кон нашите граѓани, кон меѓународните партнети и кон сопствената визија.
„Сега сме во чувствителна политичка фаза, пред нов изборен циклус, кога реториката често има предност пред разумноста. Но, токму за ова мора да покажеме зрелост и визија. Евроинтеграциите треба да бидат тема што ги обединува линиите на сите политички субјекти, бидејќи тоа е државен проект кој бара широк консензус и заедничка волја. Знаеме дека граѓаните очекуваат резултати од нас, а Реформската агенда е можност да им се докаже дека интегративниот процес не е кампања и не е утописки стремеж, туку конкретен напор“, рече Гаши.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, во своето обраќање, подвлече дека, како држава, се наоѓаме во клучен период, кога се случуваат геостратешки поместувања и се диференцираат нови центри на моќ, а ние треба да останеме силно приврзани со нашите партнери, САД и ЕУ.
„Сметам дека предолго трае нашиот пат кон ЕУ, сме дале многу жртви, а не сме виделе поголем резултат. Причините сите ги знаеме, но се поставува прашањето дали треба сега да се откажеме. Имам впечаток дека, иако сме административно поблиску, некако сме вредносно подалеку од ЕУ“, рече Филипче
Потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, рече дека пратениците во наредниот ќе треба да бидат критични за да ја зголемат продуктивноста на извршната власт.
„Основата за таа критика ни ја дава усвоената Реформска агенда. Таму каде што имаме напредок во исполнувањето на обврските треба да бидеме да бидеме чесни и да дадеме подршка и пофалба. А таму каде што имаме забавување на превземените реформски обврски, треба да бидеме критични и да мотивираме одредени ресори да работат поажурно.
За реформите како заедничка одговорност, зборуваше и Владимир Дробњак, поранешен главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со ЕУ и експерт на УНОПС. Тој говореше на тема „Градење консензус за пристапување на Северна Македонија во ЕУ“.
„ЕУ сака да продолжи со политиката на проширување и тоа е вистински процес. Постои недоволна социо-економска конвергенција помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и затоа Рефиормската агенда значи и нов план за развој на Западниот Балкан, што е специфично направен да го намали овој јаз. Ако го земето примерот на Хрватска ке видите како членството во ЕУ придонесува за намалување на овој јаз и за забрзување на социо-економскиот развој.
На дебатата свои обраќања имаа и Орхан Муртезани, министер за европски прашања, Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија и Бен Нупнау, заменик-амбасадор во Делегацијата на ЕУ.