Денеска е Светски ден на ракот на дебелото црево, не ги игнорирајте симптомите

Денеска е Светскиот ден на ракот на дебелото црево, ден кој поттикнува преземање на засилени активности за подигање на свеста за постоење и превенција на оваа болест. 

Еве ги општите препораки на лекарите за превенција и рано откривање на ракот на дебелото црево.

На развојот на рак на дебелото црево најчесто му претходи појава на полипи, кои претставуваат израстоци на внатрешната обвивка на дебелото црево.

Полипите на дебелото црево и ректумот најчесто се бенигни. Ова значи дека тие не се рак. Може да бидат присутни еден или повеќе полипи и тие стануваат почести со возраста. Постојат многу видови на полипи.

Околу 75% од колоректалните карциноми започнуваат од аденоматозни полипи, а околу 80% од сите полипи на дебелото црево се аденоми. Но, само околу 5% од аденомите се всушност малигни. Се проценува дека ризикот случајниот полип на дебелото црево со просечна големина да стане канцероген е 8% во текот на 10 години и 24% во текот на 20 години.

Аденокарцином е најчестиот тип на колоректален карцином.

Полипите кои се 1 cm или поголеми, има поголем ризик да се развијат во рак од полипи помали од 1 cm.

Најголемиот проблем е всушност тоа што повеќето полипи на дебелото црево и многу колоректални карциноми, нема да предизвикаат никакви симптоми. Обично кога се појавуваат симптомите, полипот веќе се претворил во рак. Ова е причината зошто скринингот (тестирање за болести пред да имате симптоми) е толку важен.

Можните симптоми за полипи на дебелото црево, иако невообичаени, вклучуваат:

  • Крв во столицата – бавното крварење може и да не е видливо, но по некое време да се почувствува. Може да се развие анемија со дефицит на железо, што предивикува несакани ефекти како слабост и замор
  • Промена на работата на дебелото црево
  • Необјаснети промени на столицата – ретко, некои луѓе одеднаш развиваат хронична дијареа или запек или почнуваат да гледаат вишок слуз во нивната столица.

Доколку искусите некои од симптомите, обратете се кај Вашиот лекар, споделете ја Вашата загриженост и прашања и следете ги препораките за лекување.

Од голема важност за превенирање на овие состојби е водењето на здрав животен стил и редовните контроли кај повозрасната популација, особено ако постои семејна историја на полипи или рак на дебелото црево.

Исто толку, ако не и поважно е доколку се појави некој од горенаведените симптоми, веднаш да се побара преглед кај вашиот лекар и да проверите дали се е во ред. Запомнете дека превенцијата во овие случаи може да ви помогне да го одржите вашето здравје.

Зачлени се на нашиот е-билтен