На чекор до пленарна седница, Владата го повлече Предлог законот за средно образование, во второ читање, со кое се предвидуваше на почетокот и на крајот на учебната година во училиштата да биде интонирана државната химна, како и за одбележување на патронатите на училиштата. Ваквата вест на јавоста и ја пренесе претседателката на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска, на денешната комисиска расправа на чиј дневен ред беа Предлог законите за образоване на возрасните, за стручно обрзование и обука и за измени и дополнувања на Законот за основното образование, сите во второ читање.
Во присуство на министерката за образование, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска, Василевска рече:
„Владата со допис од 20 декември го повлече Предлог-законот за средно образование, во второ читање“.
За ваквата одлука на Владата, пратениците на Европскиот фронт изразија задоволство и посочија дека тие се против ваквото законско решение затоа што ја ‘љубат државата’.
„Не се согласуваме со неколку ставови во овој закон, особено со член 54 со кој се предвидува интонирање на државната химна, за што одлучува основачот, на прослава на денот на средното училиште (патронат), на почетокот и на крајот на наставната година и завршувањето на средното образование. Се грижиме за Албанците, за Македонците и за секој граѓанин на оваа земја, за да не станат жртва на вакви неодговорни пристапи и одлуки. Вашиот слеп ентузијазам кој изгледа како ‘моќна бура’ е непромислен и краткотраен, додека штетата што можете да ја предизвикате ќе биде долгорочна. Вашиот пристап, кој исклучува и создава тензии, претставува закана за сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност“, посочија пратениците од ДУИ.
Јаневска, на одлуката за повлекување гледа со оптимизам, бидејќи според неа ‘судбината на ова законско решение е да почека некоја недела, за потоа да биде усвоено’. Дотогаш вели таа, ‘Владата и МОН, како предлагачи ќе ја подобрат неговата содржина’.
Јаневска, додава и дека Владата го повлекува Предлог законот за средно образование, за да не се дозволи ДУИ да го закочи усвојувањето на новата правна регулатива во образованието, на која се работело во изминатиот период.
Таа вели дека нема да дозволи политички партии да добиваат поени и да си ги креваат рејтинзите преку игри во образованието и на штета на воспитно-образовниот процес. Таа на фб напиша:
„Користејќи националистички реторики, обвинуваат за создавање наводно некаква си меѓуетничка нерамноправност. Убаво ќе беше да си ја сакаат татковината, државата каде се образуваат, работат и земаат плата и да изразат почит кон нејзините симболи. Но, гледаме нешто друго…Заради остварување на партиски цели и програми, спремни се да го спречат развојот, јакнењето на основниот столб на државата – образованието. Со вакви потези несвесно, тие го уназадуваат и воспитно-образовниот процес на сите деца, независно на која етничка заедница припаѓаат. Но, очигледно тоа и не е така важно“, пишува Јаневска во објава на Фејсбук.