Европската унија мора да биде храбра во односот кон Западен Балкан и да го препознае како регион од стратешко значење. Ова во интервју за БТА го изјави поранешниот известувач на Европскиот парламент за напредокот на Бугарија на европскиот пат, Џефри ван Орден.
Тој истакна дека важно прашање на патот кон членството во ЕУ на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија е дали е политички неопходно тие да се приклучат како полноправни членки на „западниот клуб“.
А под западен клуб, додаде тој, мислам на Европската унија и НАТО.
„Мислам дека треба само да ја погледнете мапата и другите влијанија во овој регион – Русија повторно се активира, па и Кина, дури и Иран е активен во регионот. Што треба да се направи за да се смени ставот и овие земји да почувствуваат дека цврсто се движат по патот на демократијата и евроатлантските интеграции. Ми се чини дека на овие земји им е потребно уверување дека се во клубот. Ова беше мојот аргумент за Бугарија пред 17 и повеќе години. Ова е аргументот што и денес би го презентирал. Знам дека некои гласови тврдат дека сите структури мора да бидат во ред, сите демократски парчиња мора да се стават во ред“, истакна поранешниот известувач за Бугарија.
„Вакви проблеми има во секоја земја. Ако постапевме вака, никогаш немаше да има сојузи. Затоа мислам дека треба да бидеме храбри во односот кон Западен Балкан и да го препознаеме како регион од стратешко значење“, нагласи Ван Орден.