Димитриеска за „робусната акција“: Не размислувам за оставка и не можам да коментирам изјави на политичари

Не размислувам за оставка. Советот на јавни обвинители е на иста линија со сите други институции кои што се залагаат за борба против корупцијата и во ниту еден момент не дозволил да биде посочен во негативен контекст, во ниту еден од извештаите, како од домашните, така и од меѓународните експерти. Нашата работа ја вршиме согласно законот, непристрасно, објективно и така ќе продолжиме. Јас не можам да коментирам изјави на политичари, не би сакала. Ова го истакна денеска претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска по седницата на Советот, како коментар за најавите од страна на премиерот Христијан Мицкоски за спроведување „робусна акција“ во судството и обвинителството.

Во однос на препораките од страна на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) за Советот на јавни обвинители да ги стави вон сила одлуките за нејзино назначување во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) и за уште еден член на Советот, Димитриеска рече дека немало никаква законска пречка да бидат дел од Управниот одбор на АСЈО и посочи дека Советот одржал посебна седница и недвосмислено зазел свој став.

Зачлени се на нашиот е-билтен