По неколкудневна реакција на јавноста за изјавата на вицепремиерот Изет Меџути за партиските вработувања во јавната администрација, денеска со свој став се јавија и од Државната комисија за сптрчување на корупција. Од таму велат дека, актуелните најави за вработувања во јавната администрација, од страна на одредени политички субјекти во Република Северна Македонија, не смеат да бидат предмет на договор на политички структури. Нагласуваат дека секое вработување мора да биде во согласност со закон, по мерит систем и без никакви влијанија.
„Само на овој начин, почитувајќи ги законските регулативи, ќе овозможиме враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот, ќе спречиме коруптивно однесување, трговија со влијанија и партиски клиентелизам. Секоја изјава за “договорни“ партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања“, велат од Комисијата.
Додаваар дека во насока на остварување на своите превентивни законски надлежности, ДКСК веќе направила антикорупциска проверка на предложените закони за вработување во јавниот сектор и на предлагачот му укажала на можните ризици од корупција кои тие ги генерираат.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата потсетуваат дека Комисијата во рамки на своите надлежности, има обврска да спроведува превенција и да презема мерки за спречување на можни злоупотреби на службена положба, судир на интерес и незаконско постапување.