Длабока демографска криза: Оваа земја дневно ја напуштаат 22 луѓе, а се раѓаат најмалку бебиња во историјата

Просечно 22 лица ја напуштаат Црна Гора секој ден, а минатата година е забележан најмал број раѓања откако се води статистика, а тоа е само 6.964 деца.

Од 2011 до 2023 година земјата ја напуштиле околу 94.000 луѓе, што дополнително ја влошува демографската слика.

Ситуацијата е особено тешка на северот на земјата, каде што бројот на населението рапидно се намалува.

Министерот за социјала и демографија Дамир Гутиќ изјави дека од 2011 година северот изгубил повеќе од 25.000 жители, што е пад од 14,2 отсто.

Денеска во тој регион живее само 24,5 отсто од вкупното население, додека третина од граѓаните се концентрирани во Подгорица. Ваквиот непропорционален развој создава сериозни проблеми во планирањето и рамномерниот развој на државата.

Од друга страна, крајбрежните градови се под зголемен притисок – стануваат пренаселени, што дополнително ја оптоварува инфраструктурата.

Гутиќ предупреди и на долгорочен пад на наталитетот.

Од 1990-тите, бројот на живородени деца е под 10.000 годишно, а вкупната стапка на плодност падна под 2,1, што значи дека земјата повеќе не ја постигнува ниту основната репродукција на населението.

Милена Вукотиќ од Монстат истакна дека природниот прираст во 2024 година бил позитивен (648), но во пад.

Негативен раст е забележан во дури 16 од 25 општини, најизразен во Пљевља (219) и Цетиње (278). Трендот на опаѓање на природниот прираст се забележува со години, уште во 2014 година десет општини имаа негативно салдо, меѓу кои Плевља и Цетиње, кои се уште предничат по загуба на население.

Зачлени се на нашиот е-билтен