Ако се суди според тоа дека скопските булевари беа добро исчистени во споредба со општинските, мора да се заклучи дека Данела им одржа лекција на повеќето општински градоначалници во Скопје.
Општинските служби залидно се пофалија дека активно работат и ги исчистиле улиците за да овозможат непречен и безбеден сообраќај, затоа што ретко која од таканаречените „станбени“ улички или улиците во населбите беа исчистени. Напротив беа недопрени од службите.
Истп така, речиси сите тротоари низ градот останаа неисчистени што беше особено забележливо во утринските часови, кога пешаците со исклучително внимание се движеа по влажниот, а одоздола подмрзнат снег, обидувајќи се да стигнат до автобуските станици или пеш до работните места.
Тротоарите во населбите се уште се непроодни, а во текот на денот не беа исчистени ниту пешачките и велосипедските патеки. Градските служби изгледа заборавиле дека Скопје не е само центарот на градот, а општинските градоначалници сметаат дека граѓаните треба самите да си ги чистат.
Изговор најдоа во Законот за јавна чистота според кој и граѓаните треба да се вклучат во расчистувањето, посебно приватниците кои имаат објекти како продавници, канцеларии и угостителски локали, и самите да допринесат така, што ќе го расчистат снегот пред објектите.
Имено раскажуваат тие, во зимски услови при снежни врнежи сите сопственици, односно корисници на објекти се должни веднаш да започнат со чистење на снегот на отворените простори пред јавните објекти, со што ќе се обезбеди непречен пристап до објектите.
Одредени се и глоби за правното лице доколку не обезбеди редовно и квалитетно одржување на јавната чистота и чистење на снегот во зимски услови на јавните површини. Станува збор за глоба од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.