Украинската престолнина Киев рано утринава беше потресена од силен ракетен оган. Според градоначалникот Витали Кличко, едно лице загинало, а најмалку три други се повредени во областа Оболон. Локалната воена администрација и службите за итни случаи објавија на Телеграм за пожари во неколку делови на градот, вклучително и на покриви на станбени згради и во индустриска област. Првично не беше јасно дали станува збор за ракетни удари или штети предизвикани од паднати ракетни остатоци.
Во меѓувреме очигледно има придвижување на дипломатско ниво: според украинскиот претседател Володимир Зеленски, Украина е подготвена да размени територии со Русија. Доколку американскиот претседател Доналд Трамп успее да ги доведе завојуваните страни на преговарачка маса, „ќе размениме една територија за друга“, изјави тој во интервју за британски „Гардијан”. Зеленски не прецизираше за кои области размислува. „Сите наши територии се важни, нема приоритети“, истакна тој. Неговата земја освои делови од западниот руски регион Курск во август.