Државниот завод за статистика со свечена академија ќе одбележи 80 години постоење

Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска со свечена академија ќе одбележи 80 години од основањето на институцијата, а во рамки на јубилејот утре ќе организира и Статистичка конференција „25 години родови податоци“.

-Јубилеите осум децении постоење и 25 години собирање родово разделени податоци се можност да се потсетиме за клучната улога на официјалната статистика во демократските општества и за нејзиниот придонес за креирање јавни политики засновани на веродостојни податоци. Свеченоста се одржува во меѓународен формат, што претставува признание за важната улога на македонската официјална статистика на национално и на меѓународно ниво. Јубилеите „80 години Државен завод за статистика“ и „25 години собирање родово разделени податоци“ ги прославуваме во партнерство со Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, соопшти ДЗС. 

Воведни обраќања денеска ќе имаат премиерот Христијан Мицкоски, директорот на ДЗС, Дејан Станков, Штефен Худолин, раководител на Одделот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, и Рита Колумбија, постојан координатор на Обединетите нации, по што ќе се одржат две панел-дискусии на кои ќе учествуваат директори и заменици директори на европски статистички заводи, истакнати експерти од земјава и од странство, како и претставници од академската заедница и граѓанското општество.

Како што најави ДЗС, на конференцијата утре ќе се обрати претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.

Зачлени се на нашиот е-билтен