Египет донесе одлука да го затвори манастирот Света Катерина Синајска, најстариот активен христијански манастир во светот, речиси 15 века по неговото основање, што предизвика критики од грчката влада и црквата, објавија денеска грчките медиуми.
Освен конфискација на имотот, Египет планира и иселување на монасите, за празните згради да се претворат во туристичка атракција, а монасите, кои сметаат дека со оваа одлука се кршат нивните права, подготвуваат глобална мобилизациска и информативна кампања за сите христијански цркви и другите монотеистички религии.

Архиепископот на Атина и на цела Грција Јероним го осуди затворањето на манастирот, велејќи дека тоа претставува „уште еден историски пад што го доживуваат хеленизмот и православието“.
„Недвосмислено го осудувам секој обид за промена на режимот, кој во регионот е на сила 15 века, и апелирам до одговорната грчка влада и лично до премиерот Киријакос Мицотакис веднаш да преземат соодветни мерки, со цел да се воспостави нормален и правен поредок и да не биде ефективно укинат Светиот манастир“, рече архиепископот Јеронимо.
Грчкото Министерство за надворешни работи соопшти дека се занимава со овој случај, кој го окарактеризира како „случај од најголемо значење“, пренесува Прототема.
Египетските власти го направија овој потег и покрај ветувањата на египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на неговата неодамнешна посета на Грција.

Египетскиот суд донесе одлука за затворање во средата, а изворите се за „Грик репортер“ соопшти дека владата во Каиро врши судски притисок и напади уште од периодот кога на власт беше „Муслиманското братство“, кое се залага за воведување на шеријатот, систематски обидувајќи се да го затвори најстариот манастир во светот.
Манастирот е основан од византискиот император Јустинијан пред 15 века и е под контрола на автономната Синајска црква, која е дел од пошироката Грчка православна црква, а во 2002 година стана дел од светското наследство, поради неговата единствена важност за трите главни аврамски религии – јудаизмот, христијанството и исламот.