Европската комисија реши да ја стопира исплатата на втората транша за Бугарија во рамки на Планот на ЕУ за закрепнување и одржливост во износ од 653 милиони евра, поради неспроведувањето на предвидените реформи.
Во соопштението на Европската комисија се посочува дека исплатата на овие средства е суспендирана на шест месеци, бидејќи Бугарија не ги исполнила своите преземени обврски поврзани со реформи во енергетиката, борбата против корупцијата и јавните набавки.
Сега Бугарија има рок од еден месец да одговори на оценката на Комисијата за причините за блокирање на средствата. Станува збор за втора рата од вкупните средства во рамки на Планот на ЕУ за закрепнување и одржливост, според кои Бугарија има право на грантови во износ од 5,69 милијарди евра.
Од оваа вкупна сума Софија доби само 1,37 милијарди евра во првата транша, а доколку работите се одвива според планираната динамика на реформи, ЕУ ќе требаше досега да и исплати 4,3 милијарди евра.
Доколку бугарските институции не ги спроведат планираните реформи во рок од шест месеци, ЕК би можела да одлучи да ги намали вкупните средства наменети за земјата во рамки на Планот.