Специјалната група за реформи во јавната администрација помеѓу ЕУ и Северна Македонија, го одржа 13. состанок со кој од страна на ЕУ, копретседаваше Сигрид Бретел, раководителка на одделението за Албанија и Северна Македонија во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, а од страна на земјава, Горан Минчев, министер за јавна администрација и Есма Адиловиќ, раководител на сектор во Министерството за јавна администрација.
Како што соопштија денеска од Делегацијата на ЕУ, во однос на стратешката рамка за РЈА, Комисијата ја повтори важноста на Патоказот за РЈА, охрабрувајќи го неговото брзо финализирање и усвојување, како и усогласување со клучните извештаи и стратегии.
„Ова останува воведен бенчмарк за Кластерот 1 на „Темелни вредности“. Понатаму ја истакна потребата од воспоставување цврсти механизми за следење и известување. Комисијата го поздрави најновото известување за имплементацијата на Стратегијата за реформи во јавната администрација, ја истакна важноста да се работи на прашањата за кoи се доцни и повика на навремено завршување на таквите извештаи. Исто така, беше истакната потребата од посилно политичко лидерство за да се обезбеди координирана имплементација“, се наведува во соопштението.
Во однос на управувањето со јавните финансии, Комисијата, се наведува, го забележа неодамнешното усвојување на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и усвојувањето на подзаконските акти за спроведување на Законот за органски буџет, кои се пресвртници во Реформската агенда за декември 2024 година. Владата исто така, известуваше за имплементацијата на системот за интегрирано финансиско управување, при што Комисијата ги нагласи импликациите на овој проект за условеноста поврзана со идните исплати во контекст на Реформската агенда.
За развој на политики и координација, Комисијата го охрабри воспоставувањето на функционален систем за стратешко планирање и следење. Ја истакна важноста на проценките на влијанието на регулативата, јавните консултации и зајакнатата контрола на квалитетот за да се подобри кохерентноста и ефективноста на политиките. Беше подвлечена и потребата од редовно известување за Националната програма за усвојување на европското законодавство.
Во областа на јавната служба и управувањето со човечки ресурси, Комисијата ја повтори важноста од системот врз основа на заслуги, транспарентно вработување и отпуштање, брзо усвојување на ревидирани закони за јавната служба, јасни правила на вработување, оценување и отпуштања на раководниот кадар, подобрено задржување на персоналот, намалување на бројот на вршители на должност на раководни функции, подобро собирање податоци за отпуштања, жалби против отпуштања и користење на привремени договори на вработување како и договори на дело во администрацијата. Комисијата го охрабри финализирањето на реформите во системот на плати и осигурувањето дека наградувањето ги одразува одговорностите и стручноста.
Во однос на отчетноста, се додава, Комисијата ја нагласи потребата од институционална и раководна одговорност и ги поздрави тековните мерки за реорганизација. Партиите разговараа за усвојување на нов Закон за организација на државната администрација, за подобрување на одговорите на барањата за информации од јавен карактер и за потребата од спроведување на препораките од Државната комисија за спречување на корупцијата на Северна Македонија за непотизам и ризици од корупција. Комисијата охрабри поблиска соработка меѓу властите и Државната комисија за спречување на корупцијата за ефикасно справување со овие предизвици.
За испораката на услуги, Комисијата, се посочува, побара навремено донесување на измените на Законот за општите управни постапки и го истакна подобрувањето на електронските услуги за граѓаните и бизнисите. Ги охрабри властите да ја зголемат употребата на националниот електронски портал и да ги насочат процесите за негова зголемена упототреба од страна на корисниците. На крајот, партиите разговараа за е-влада и усогласувањето на рамката за интероперабилност на Северна Македонија со Европската рамка за интероперабилност (ЕИФ).
За територијалната соработка и регионалниот развој, Комисијата поттикна посилни институционални капацитети, стабилен персонал и ригорозно задржување на персоналот за да се обезбеди ефективно управување и контрола на фондовите на ЕУ. Комисијата ја подвлече важноста од зајакнување на координацијата на сите владини нивоа и адекватна подготовка за потенцијално учество во идната кохезивна политика, стои во соопштението.