ЕК предложи нови мерки за зајакнување на одбранбена подготвеност на ЕУ 

Европската комисија предложи нова Регулатива за стимулирање на инвестициите поврзани со одбраната со средства од Буџетот на ЕУ, која има за цел да ја зајакне одбранбена подготвеност на ЕУ до 2030 година и да овозможи спроведување на планот „Ревооружување на Европа“. 

Со новата регулатива ќе се овозможи искористување на постоечките финансиски програми на ЕУ за побрзи, пофлексибилни и координирани инвестиции во одбранбената технолошка и индустриска база на Европа. 

„Предложените измени ќе ја подобрат способноста на ЕУ и на земјите членки да ги развиваат, зголемуваат и модернизираат клучните одбранбени капацитети, преку овозможување пристап до фондовите на ЕУ за проекти поврзани со одбраната“, соопшти Комисијата. 

Со предлогот се проширува опсегот на Платформата за стратешки технологии за Европа (СТЕП), со што би се опфатиле и технологиите и производството поврзани со одбраната, особено на оние сегменти кои со „Белата книга за европска одбрана – Подготвеност 2030“ се идентификувани како приоритетни. На овој начин ќе се обезбеди поддршка од СТЕП за развојот на најсовремените технологии неопходни за одбраната и одбранбениот проект на ЕУ.  

Дополнително на земјите членки им се овозможува средствата што ги добиеле од кохезивните фондови да го пренаменат, на доброволна основа, за Европскиот одбранбен фонд (ЕДФ) и за Актот за поддршка на производството на муниција (АСАП). Во, исто време, важноста на АСАП се продолжува до 31 декември 2026 година. 

Исто така, се овозможува и пренамена на средствата од кохезивните фондови на програмата „Поврзувањето на Европа“ (ЦЕФ) за транспортни инфраструктурни проекти и за дигитални капацитети со двојна намена, со што би се зголемила воената мобилност и би се зајакнала дигиталната инфраструктура. 

„Оваа иницијатива претставува усогласување со целите на заедничката „Бела книга за европска одбрана – Подготвеност 2030“. Таа на ЕУ и поставува јасна патека за поддршка на развојот на одбранбените капацитети за заштита на нејзините граѓани и вредности и за одговор на променливото геополитичко опкружување“, соопшти ЕК.

Зачлени се на нашиот е-билтен