Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Економско-социјалниот совет денеска треба да одржи седница, ќе се расправа за минималната плата

Работодавачите, синдикатите и Владата денеска треба да седнат на заедничка маса за да разговараат за зголемувањето на минималната плата која во моментот изнесува 22.567 денари. Според најавите, денеска треба да се одржи седницата на Економско-социјалниот совет на која ќе се разгледаат можностите за нејзино зголемување што како барање го поставија синдикатите според кои има реална потреба од вакво нешто.

– Минимална плата ќе биде онаа плата којашто ќе ја договорат работодавачите и работодавците. Ние сме страна која што може да го фасилитира тој процес и како таков да го гледа и да го поддржи кога ќе заврши ако има решение. Секое решение кое што тие ќе го поддржат, ние ќе го прифатиме и тука нема никаква дилема. Еве сега во понеделник има една точка на дневен ред која што се однесува до минималната плата. Се надевам дека работодавачите и работниците ќе постигнат договор, договор којшто ние ќе го поддржиме, рече Мицкоски.

Согласно законот, во март треба да има усогласување на минималната плата, која според пресметките, треба да се зголеми за 1.800 денари, што според синдикатите е малку во однос на трошоците на живот.

Пресметките што ги прави Сојузот на синдикати на Македонија за минималните трошоци на едно четиричлено семејство покажуваат дека во јануари тие изнесувале 63.252 денари што значи дека две минимални плати се малку за да се задоволат основните потреби. За само една година, вредноста на синдикалната минимална кошничка пораснала за 6.089 денари што значи зголемување од 10,63 проценти.

Синдикатите бараат минималната плата да се зголеми на 450 евра, а дел од бизнис секторот се изјасни дека ќе го прифати ваквиот предлог, но да се намалат придонесите.

Зачлени се на нашиот е-билтен