ЕПЛ создава 20.000 работни места за да го задоволи Трамп? Ќе инвестира 500 милијарди долари во САД во следните четири години

Американската технолошка компанија „Епл“ ќе создаде 20.000 нови работни места во САД и ќе инвестира 500 милијарди долари во следните четири години.

Компанијата од Купертино изјави дека ќе започне со производство на сервери со вештачка интелигенција за својот систем Apple Intelligence во Хјустон, Тексас, во соработка со Foxconn.

„Епл“ исто така ќе го прошири постојниот капацитет на своите центри за податоци во Аризона, Орегон, Ајова, Невада и Северна Каролина, објави „Блумберг“.

„Ќе продолжиме да соработуваме со луѓе и компании низ целата земја за да помогнеме да се напише ново, извонредно поглавје во историјата на американските иновации“, рече извршниот директор на Apple, Тим Кук.

Соопштението доаѓа неколку дена по средбата на американскиот претседател Доналд Трамп и Кук во Белата куќа.

По состанокот, Трамп изјави дека Кук ќе инвестира стотици милијарди долари во САД и наговести дека „Епл“ сака да избегне царини за кинески стоки со овие инвестиции.

Повеќето од iPhone-ите и другите производи на Apple се произведуваат во Кина.

За време на првиот мандат на Трамп, Кук успеа да го убеди американскиот претседател да не воведува царини за iPhone-ите, тврдејќи дека таков потег ќе ја зајакне конкуренцијата како што е онаа на јужнокорејскиот Samsung Electronics.

Потоа „Епл“ објави и локални инвестиции во Соединетите Американски Држави, а се чини дека и овој пат има слична стратегија, додава њујоршката агенција.

Тим Кук беше присутен на претседателската инаугурација на Трамп во Вашингтон.

Зачлени се на нашиот е-билтен