Доктори од Клиниката за респираторни болести кај децата – „Козле“ револтирани од директорката на установата со отворено писмо до премиерот Мицкоски и до министерот за здравство Таравари.
Ви се обраќаме како на креатори на здравствената политика во државата, последна инстанца која може да стави крај на самоволието на една директорка на ЈЗУ и да ја спречи нејзината епохална неспособност која комплетно ќе ја уништи Универзитетската клиника за респираторни болести кај децата – Козле.
Најочигледен пример за нејзината неспособност е уништувањето на бронхоскопијата во Козле.
Поради низа несогласувања, неразбирање и инаетење од страна на директорката, оставки од бронхоскопскиот тим дадоа двајцата најискусни бронхоскописти затоа што инсистираа на совесно и професионално работење, а останатите доктори и сестри ги поддржаа и се изјаснија дека функционирањето на тимот е невозможно без нив.
За да докаже дека не се во право, формира нов тим во кој единствен искусен бронхоскопист е пензиониран ОРЛ специјалист. На фиктивниот список фигурираат уште педијатри и инфектолог, кои никогаш немаат направено бронхоскопија и ОРЛ специјалист кој сеуште се обучува.
Со ова менаџирање, директорката „постигна“ од извршени 67 бронхоскопии 2023 година, и преку 40 бронхоскопии извршени во 2024 година, вкупната бројка на бронхоскопии од почетокот на нејзиното директорување до сега да ја сведе на само 3 бронхоскопии.