Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ердоган: Треба да се исполнат сите услови од договорот Израел-Хамас

Tурскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска на заедничка прес-конференција со словачкиот премиер Роберт Фицо во Анкара изјави дека мора да се спроведат сите фази од договорот за прекин на огнот меѓу Израел и милитантната група Хамас.

„Мора да се спроведат сите фази од договорот и континуирано да се доставува хуманитарна помош во Газа. Турција ќе продолжи да го следи процесот додека не се воспостави независна, суверена држава Палестина, со главен град источен Ерусалим, врз основа на границите од 1967 година“, рече Ердоган.

Тој додаде дека отстранувањето на меѓународните ограничувања за Сирија од периодот на соборениот режим на Башар ал Асад е важно за почетокот на обновата на земјата, јави Анадолија.

Во врска со руско-украинската војна, Ердоган рече дека ништо не може да се постигне со војна и дека на оваа тема ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп.

Говорејќи за прекинот на транзитот на гас преку територијата на Украина, Ердоган рече дека Турција преку Министерството за надворешни работи ги презела неопходните чекори за отворање на преговорите на оваа тема.

„Треба да ја разгледаме потребата на Словачка за природен гас, а мојот министер за надворешни работи за тоа разговараше и со (рускиот) министер (Сергеј) Лавров. Можам да разговарам за тоа со претседателот (Владимир) Путин“, рече Ердоган.

Тој изјави дека кон крајот на неделава треба да има телефонски разговор за испораката на гас и дека верува оти ќе има напредок.

Фицо повторно го критикуваше ставот на Украина за запирање на транзитот на руски гас преку нејзина територија и додаде дека со Ердоган разговарал за можноста за снабдување со руски гас преку гасоводот Турски тек и дека на оваа тема може да се разговара и со руските партнери.

Според него, словачката министерка за економија Дениса Сакова треба да разговара на оваа тема во Истанбул, на крајот на неделата.

Фицо оцени дека алтернативата што ѝ ја понуди Ердоган на Словачка е „добра“, истакнувајќи дека втората цевка од гасоводот „Турски тек“ е наменета за испорака на гас до земји како Бугарија и Романија. „Ова е цевка со одреден капацитет што можеме да го користиме. Руските партнери треба да влезат во тоа и да кажат дали се подготвени да го зголемат обемот на испораките на гас за тој да стигне до територијата на Република Словачка“, рече словачкиот премиер, додавајќи дека ќе разговараат и со руската страна за тоа дали оваа алтернатива е можна.

Фицо изрази надеж дека аспирациите на Турција за полноправно членство во ЕУ ќе се остварат што е можно поскоро, потврдувајќи ја целосната поддршка на неговата земја. 

Зачлени се на нашиот е-билтен