Самата Јаневска два пасусa подолу во интервјуто ја посочува својата недоследност и посочува дека проблем, де факто има. Предметите ем формално ги нема, ем се ставени како можност да се изучуваат во предметот Филозофија, доколку ученикот се реши да ја избере во 3 и четврта година. Она што е добро е што министерката вели дека Концепцијата не е завршена работа и дека Министерството во соработка со Бирото е подготвено да ја измени по широката јавна расправа, пишува Вистиномер во написот кој го пренесуваме во целост.
Министерката за образование Весна Јаневска во интервју даде оценка за дел од предложената Концепција за гимназиско образование, став кој може да се оцени како недоследен:
Не се укинуваат предметите (етика и логика). Во предметот Филозофија, со по 2 часа во 3. и 4. Година, составен дел се и Етика и Логика. Ако професорите учествуваат во создавање на наставната програма, министерството не може да им се меша во тоа што тие ќе вметнат во програмата и што ќе предаваат.
Ако кажеме дека поединечно нема Етика и нема Логика да, меѓутоа има Филозофија во кои може да се предава и Етика и Логика. Од тука, не гледам дека е тоа сериозен проблем.
[Извор: Глас на Америка – В. Јаневска/интервју; датум – 02.02.2025]
Образложение:
Министерката за образование Весна Јаневска прво вели дека не се укинуваат предметите, само ги нема како самостојни, а потоа вели дека тие постојат во предметот Филозофија со по 2 часа неделно во трета и четврта година и дека тоа според неа не е сериозен проблем – ставови кои се недоследни.
Недоследноста ја појаснува и самата министерка во два пасуса после цитираниот пасус кога вели:
Проблемот е што тие предмети во 3. и 4. година ги ставивме како изборни, односно обврзувачки изборни предмети. Од група на шест (предмета) детето да избере два, а од друга група на 3 или 4 (предмета) ученикот да избере два предмета, на кои ќе се посвети.
Самиот избор е проблем и се појавува еден страв дека можеби тие предмети нема да бидат избрани. Но, јас ќе потсетам дека и сега, во сегашната гимназиска концепција има шест модули, би рекла, каде што децата бираат во кој правец ќе се насочат.
Во Концепцијата за гимназиско образование што може да се најде на веб-страницата на Бирото за развој на образованието се наведува она што министерката Јаневска можела и подобро да го појасни за да не биде нејзината изјава недоследна:
Задолжителни предмети
Задолжителните предмети се основа на образовниот процес и покриваат различни области. Наставните предмети: Математика, Македонски/Албански/Турски/Српски јазик и литература, Англиски јазик, Втор странски јазик (германски јазик, француски јазик, руски јазик или италијански јазик) и Спорт се изучуваат во сите четири години. Другите предмети што се задолжителни се концентрирани главно во првите две години. Такви се предметите: Историја, Географија, Биологија, Хемија, Физика и Информатика. Ликовна и Музичка уметност се задолжителни предмети од 1. до 3. година, а предметите Граѓанско образование и Психологија се изучуваат задолжително во една година… Задолжителните предмети го истакнуваат општообразовниот карактер на гимназиското образование, обезбедувајќи знаења од различни области како темел за личен развој и продолжување на академски студии…
(Извор: Биро за развој на образованието/веб -стр 24.)
Изборни предмети
Изборните предмети се концентрирани во 3. и 4. година. Во наставниот план се присутни два вида на вакви предмети: (1) изборни предмети за продлабочено изучување, во кои спаѓаат предметите: Напредна математика, Биологија, Физика, Хемија, Историја и Географија. и
(2) изборни предмети на почетно изучување, какви што се: Латински јазик и класична култура, Филозофија, Право, Економија и бизнис, Програмирање, Социологија и Образование за животната средина. Секој ученик избира по два предмета од двата вида изборни предмети согласно сопствените интереси и потреби и ги изучува континуирано, во двете последни години (3. и 4.).
(Извор: Биро за развој на образованието/веб -стр.24)
Како што може да се забележи, предметот Филозофија е ставен во изборните предмети за 3 и 4 година со по два часа неделно. Но, прво, ставен е во изборни, што значи тежината на филозофската наука е спуштена на ниво кое не е задолжително за целосниот развој на ученикот и за неговата индивидуалност (две од четирите начела врз кои почива Концепцијата), а второ, доколку и дел од учениците ги изберат, Етиката и Логиката ќе треба да се „стиснат“ во оние предвидени два часа неделно.
Моралот е суштински ама науката за него изборен предмет
И уште нешто, што е проблем за самата Концепција и неименуваните автори од Бирото за развој на образованието. Во појаснувачкиот дел за четирите начела поконкретно (стр.11 од Концепцијата), за првото начело, целосен развој на ученикот, што се однeсува до моралот и етичкиот развој е напишано:
Моралот и етичкиот развој претставуваат суштински дел од образованието во гимназијата. Преку различни наставни предмети учениците се запознаваат со концептите за правда, толеранција и одговорност, додека наставниците со својот пример играат важна улога во развивањето на моралниот карактер на учениците.
Оттука произлегува дека за авторите на Концепцијата, иако моралот е суштински дел од образованието во гимназијата, за него нема да се изучува во посебен предмет етика, која во суштина е наука за моралот и која е укината како посебен предмет, туку евентуално во Филозофија, ако ученикот ја избере во 3 и 4 година. Ако не ја избере, за суштинскиот дел од образованието во гимназијата ќе бидат одговорни „различни наставни предмети“ и наставниците кои „играат важна улога во развивањето на моралниот карактер на учениците“.
Поради погоре посочените аргументи, како и поради бројните критики од стручната фела, пристапот на министерката Јаневска во одговорот во интервјуто во делот за укинувањето/неукинувањето на Етиката и Логика во гимназиското образование може да се оцени како недоследност.
Она што е добро е што министерката вели дека Концепцијата не е завршена работа и дека Министерството во соработка со Бирото е подготвено да ја измени по широката јавна расправа.
Извори:
- (02.02.2025) Глас на Америка – В. Јаневска/интервју – [Проверено на 03.02.2025]
- (2024/2025) БРО – Концепција за гимназиско образование – [Проверено на 03.02.2025]
- (31.01.2025) 360 Степени – Филозофот Солунчев до министерката… – [Проверено на 03.02.2025]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар.
Преземено од Мета.мк