Европската комисија денеска изрази жалење поради недостигот на американска посветеност на постигнување договор со Европската Унија за избегнување на царински давачки, два дена пред нивното стапување во сила за европскиот челик и алуминиум.
„Изгледа дека американската администрација не е посветена на постигнување договор“, изјави европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович, во Брисел. Тој потсети дека во февруари ја посетил САД со цел да иницира конструктивен дијалог за избегнување на непотребна ескалација на трговскиот спор.
Како дел од серијата најавени трговски ограничувања, американскиот претседател Доналд Трамп планира да воведе нови царини од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум од сите трговски партнери, вклучително и од ЕУ.
Овие мерки треба задутре да стапат во сила.
Шефчович нагласи дека ЕУ и САД за време на преговорите идентификувале неколку области каде што можат да најдат заеднички интереси.
„Но, една рака сама не може да аплаудира“, изјави тој, нагласувајќи дека ЕУ е решена да ги заштити своите интереси и дека ќе одговори на какви било трговски мерки од САД.
„Како што САД ги штитат своите интереси, така и ЕУ ќе ги заштити своите. Затоа секогаш ќе ги браниме европските компании, работници и потрошувачи од неоправдани царини“, додаде Шефчович, истакнувајќи дека ЕУ останува отворена за дијалог.
„Сакаме конструктивен и позитивен однос со САД. Нашите врати остануваат отворени за дијалог. Царинските мерки не носат победници“, заклучи тој.