ЕУ: Одржливите и нереверзибилни реформски достигнувања за основните вредности, да бидат клучните одредници според кои се оценува напредокот кон членството во ЕУ

Врз основа на Пакетот за проширување на Комисијата за политиката, од 30 октомври годинава, ќе бидат вклучени извештаи за напредокот на европскиот пат на Црна Гора, Србија, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Турција, Украина, Република Молдавија и Грузија,  

Советот ја потврдува својата посветеност на проширувањето во согласност со заклучоците од самитите на ЕУ и Стратешката агенда за периодот 2024-2029 година.  

„Во согласност со претходните заклучоци, а во рамките на политичките критериуми од Копенхаген, Советот ја потврдува потребата од фер и ригорозна условеност, од принципот на индивидуални заслуги и реверзибилност на пристапниот процес. Советот ја нагласува важноста да се осигура дека ЕУ може да го задржи и продлабочи сопствениот развој, вклучувајќи го и нејзиниот капацитет да интегрира нови членки. Поздравувајќи ја новата динамика во процесот на проширување, Советот ја нагласува потребата партнерите да ја докажат кредибилноста на нивните заложби и нивната политичка волја, преку спроведување на неопходните реформи и видлив напредок во однос на основите вредности“, се потенцира во заклучоците на ГАК. 

Според Советот, почитувањето и посветеноста на промовирањето на вредностите на кои се базира ЕУ и исполнувањето на обврските потребни за членство, остануваат од суштинско значење за сите партнери кои се стремат да се приклучат кон блокот.  

„Одржливите и нереверзибилни реформски достигнувања за основните вредности, вклучувајќи го владеењето на правото и основните права, функционирањето на демократските институции, јавната администрација и економските критериуми продолжуваат да бидат клучните одредници според кои се оценува напредокот кон членството во ЕУ. Препораките на Комисијата во овие области треба да се спроведат како приоритетни прашање“, додава ГАК. 

Советот повторува дека владеењето на правото е меѓу основните вредности на кои е заснована ЕУ и претставува клучен аспект на демократската трансформација и неопходен услов за напредок кон членството во ЕУ. 

„Заштитата на основните права е во сржта на вредностите на ЕУ. Советот ќе продолжи внимателно да го следи напредокот на партнерите во оваа област. Во овој контекст, Советот особено ја нагласува важност од почитување на правата на детето, како и на правата и недискриминаторски третман на лицата кои им припаѓаат на малцинствата и на ранливите категории, како што се Ромите, лицата со попреченост, лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите и интерсексуалните лица, како и припадниците на националните малцинства“, се нагласува во заклучоците. 

Во однос на родовата еднаквост, пак, Советот повторува дека мора да се обезбеди зајакнување и целосно почитување на основните права на жените и девојките. 

„Советот потсетува дека слободата на изразување, заштитата на новинарите, слободата на медиумите и плурализмот се клучните столбови на едно демократско општество, па затоа треба да ги обезбедат и партнерите аспиранти за членство. Обезбедувањето амбиент за работа и посилна улога на организациите на граѓанското општество, како и нивно вклучување во реформскиот процес, исто така, остануваат суштински елементи на добро функционалната демократија. Советот ги повикува сите партнери итно да ги решат пријавените недостатоци, посветувајќи посебно внимание на решавањето на системските прашања забележани од Комисијата“, додава ГАК. 

Советот, исто така, нагласува дека партнерите треба да постигнат одржлив напредок во сеопфатните реформи во правосудството, борбата против корупцијата, вклучително и деолигархизацијата и борбата против организираниот криминал.  

„Воспоставувањето солидна имплементација на реформите и одржливите резултати во овие критични области остануваат од суштинско значење, се потенцира во документот“. 

Зачлени се на нашиот е-билтен