Полската влада привремено ќе го суспендира правото на мигрантите кои пристигнуваат во Полска преку границата со Белорусија да поднесат барање за азил, потврди премиерот Доналд Туск, објавувајќи ја одлуката за усвојување на контроверзниот закон потпишан од полскиот претседател Анджеј Дуда, кој смета дека е неопходно зајакнувањето на граничната безбедност. Оваа одлука ќе им овозможи на полските власти да го суспендираат правото на азил во период до 60 дена.
Законот, сепак, беше критикуван од групите за човекови права, вклучително и Хјуман рајтс воч (ХРВ), која рече дека ЕУ треба да преземе правни мерки против Полска доколку законот се имплементира.
Минатиот месец ХРВ го повика полскиот парламент да го отфрли предлог-законот, велејќи дека тој е „спротивен на меѓународните обврски на Полска“ и дека може ефективно целосно да ја затвори границата на Полска со Белорусија, каде полските власти веќе вршат нелегално и насилно протерување на мигрантите, јавува Би-Би-Си.
Полската влада претходно најави дека суспензијата привремено ќе се применува само за лицата кои претставуваат закана за националната безбедност и дека исклучоци ќе бидат направени за малолетници без придружба, бремени жени, стари или болни лица, како и за оние кои се во реален ризик доколку бидат вратени во земјата од која побегнале.
ЕУ подготвува нов план
Европската унија сака поефикасна борба против илегалната миграција со нови предлози кои предвидуваат побрзи депортации и формирање центри надвор од територијата на ЕУ за испраќање мигранти чии барања за азил се одбиени, пишува Европската новинска агенција (ЕНР). Додека некои влади се залагаат за уште построги мерки, критичарите предупредуваат дека планот може да доведе до кршење на човековите права и правни битки.
Прашањето за вратените мигранти на кои им е одбиен азил со години е тема на жестоки дискусии во Европската унија. Многу земји-членки упорно бараат построги правила за да се забрза враќањето на одбиените мигранти во нивните земји на потекло. Предводени од владите на Шведска, Италија, Данска и Холандија, лидерите на ЕУ во октомври повикаа на итно усвојување на нов закон кој ќе овозможи побрзо враќање на одбиените мигранти и побараа од Европската комисија да разгледа „иновативни“ начини за борба против нерегуларната миграција.
Комисијата одговори дека планира построги правила за депортација и построги контроли, се со цел да се забрза враќањето на мигрантите на кои им е одбиен азил и другите мигранти кои немаат право да останат во ЕУ. Според Комисијата, само околу 20 отсто од луѓето на кои им е наредено да заминат, всушност се враќаат во својата земја на потекло.
„Со новиот систем за враќање, ќе се погрижиме оние кои немаат право да останат во ЕУ, всушност, да бидат вратени“, рече европскиот комесар за миграција Магнус Брунер.
Како членките на ЕУ се борат против илегалната миграција?
Новата австриска влада нареди итен прекин на обединувањето на семејствата на барателите на азил во обид да ја смири широката јавна загриженост за имиграцијата што поттикнува пораст на поддршката за екстремната десница. Цитирајќи ги кризните одредби на ЕУ поврзани со националната безбедност, тричлената владина коалиција објави дека привремено ги замрзнува сите права за членовите на семејствата на луѓето на кои им е одобрен азил во Австрија.
„Капацитетот на Австрија и нејзиниот систем да прима луѓе има ограничувања. Поради огромниот прилив на луѓе, тие системи се веќе со полн капацитет или веќе го надминаа својот капацитет“, објави владата предводена од канцеларот Кристијан Стокер од Народната партија (ОВП).
Горниот дом на швајцарскиот парламент го поддржа предлогот за интензивирање на граничните контроли за да се намали илегалната имиграција и да се спречи прекуграничниот криминал. Предлогот, кој веќе го помина Долниот дом, ја повикува владата да ги зајакне контролите на краток и среден рок и да биде поенергичен во депортирањето на луѓето без валидни дозволи за престој кои не бараат азил, објави Ројтерс.
Во предлогот се наведува и дека треба да се земат предвид чекорите што ги преземаат соседните земји, но се предупредува на „систематска контрола“ на секој што влегува во Швајцарија, и може да и наштети на економијата.
Предлозите што кандидатот за канцелар на конзервативните германски партии ЦДУ и ЦСУ, идниот канцелар на Германија Фридрих Мерц, сака да ги стави на дневен ред во Бундестагот предизвикуваат поделби меѓу партиите од демократскиот центар и ги разгневуваат преостанатите партии во владата – Социјалдемократите и Зелените. Откако две лица беа убиени во напад со нож во баварскиот град Ашафенбург, а осомничениот напаѓач беше од Авганистан, Мерц претстави пет точки за многу построга политика за азил и миграција.
Анкетите како ARD-Deutschlandtrend, кои беа спроведени по нападот во Магдебург, но пред крвопролевањето во Ашафенбург, покажуваат дека темата за азил и миграција е од големо значење за граѓаните на Германија.
Што се однесува до земјите кои се главни дестинации на барателите на азил, Германија остана на врвот со повеќе од 237.000 барања во 2024 година. Сепак, овој резултат исто така претставува пад од 29 отсто во споредба со 2023 година. По Германија следуваат Шпанија (165.767 барања), Италија (158.867, Белгија (158.867), Франција (36,1), (39.206) и Холандија (33.437) како главни дестинации.