ЕУ продолжува со непоколеблива поддршка за Украина, ургентно повикување на зголемување на одбранбените трошоци

Европската Унија останува посветена на поддршката на Украина, која има потреба од одбрана и во тој контекст е многу важниот предлог што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен го претстави претпладнево, изјави денеска заменикот главен портпарол на ЕК, Стефан де Керсмакер.  

„Она што мислам дека останува исклучително важно е непоколебливата поддршка на Европската Унија кон нашите пријатели во Украина“, изјави Де Керсмакер во одговор на новинарско прашање за коментар на одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за замрзнување на помошта за Украина. 

Де Керсмакер истакна дека Европската комисија нема да ја коментира ова одлука, нагласувајќи само дека САД остануваат сојузник на ЕУ. 

На прашање дали ЕУ ќе биде во можност да го надомести недостигот во поддршката за Украина што ќе настане со запирањето на американската помош, Де Керсмакер без да даде конкретен одговор нагласи дека во писмото што Фон дер Лајен го упатила до лидерите на земјите членки на ЕУ со Предлог-планот за повторно вооружување на Европа, таа повикува на поголемо издвојување за одбраните трошоци, подобро трошење и заедничка потрошувачка во областа на одбраната, за што ќе се разговара на Самитот на Унијата в четврток. 

„Во Планот за повторно вооружување на Европа што го предлага претседателката ќе видите дека еден од првите столбови е воспоставување нов финансиски инструмент на ЕУ за поддршка на земјите членки. Овој инструмент ќе им обезбеди на земјите членки заеми во износ до 150 милијарди, што може да се користат за приоритетни потреби, вклучително и за артилериски системи, за противвоздушна и ракетна одбрана, за проектили, муниција и слично. Мислам дека тоа е многу важна порака“, изјави Де Керсмакер, додавајќи дека на овој начин ќе им се помогне на земјите членки за зајакнување на одбраната. 

На прашање што станува со иницијатива на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас за одбранбена поддршка на Украина, ресорниот портпарол на Еврокомисијата, Ануар Ел Ануни истакна дека целта на овој предлог е обезбедување што е можно  повеќе муниција за земјата во краток рок. 

„Она што можам да кажам е дека на последниот Совет за надворешни работи беше изразена политичка поддршка за иницијативата и дека ова прашање останува тема на интензивна дискусија пред Европскиот совет“, додаде Ел Ануни. 

Зачлени се на нашиот е-билтен