Довербата во Европската унија е сè уште поголема во повеќето земји од Западен Балкан отколку во самата ЕУ. Со исклучок на Србија, повеќе од 60 отсто од луѓето во регионот веруваат дека членството во ЕУ би било добро, покажува истражувањето на есенскиот Евробарометар за 2024 година.
Истражувањето беше спроведено во септември и октомври во ЕУ и земјите кандидати. Тоа покажа дека, во просек, 51 отсто од Европејците имаат тенденција да ѝ веруваат на ЕУ, што е највисок резултат од 2007 година.
Кога станува збор за довербата во ЕУ во земјите од Западниот Балкан, највисока оценка е забележана во Албанија – 81%. Исто така, 83 отсто од албанските граѓани сметаат дека членството во ЕУ би било добро. По овие резултати следат Црна Гора, каде 75% од луѓето имаат тенденција да и веруваат на ЕУ, а 71% од нив сметаат дека членството во ЕУ би било добро, и Косово, каде 70% од луѓето имаат тенденција да и веруваат на ЕУ, додека 65 % веруваат дека членството во ЕУ би било добро.
Слично на тоа, во Северна Македонија и БиХ, 56 отсто од луѓето имаат тенденција да и веруваат на ЕУ. Дополнително, 63 отсто од граѓаните на Северна Македонија сметаат дека членството во ЕУ би било добро, додека истото мислење го изразуваат 55 отсто од луѓето во БиХ.
Од друга страна, само 38% од граѓаните на Србија имаат тенденција да и веруваат на ЕУ, додека 56% имаат тенденција да не и веруваат, а 32% сметаат дека членството во ЕУ би било добро, додека 30% изјавиле дека тоа би било лошо, додека 38% сметаат дека тоа не е ниту добро ниту лошо.
Кога станува збор за економската состојба, најпозитивни оценки имаат граѓаните на Црна Гора и на Косово – 75 отсто од граѓаните на Косово и 61 отсто од граѓаните на Црна Гора својата економија ја опишуваат како добра.
Во Србија 44 отсто од граѓаните имаат исто мислење, додека во БиХ ситуацијата е малку полоша – 41 отсто од граѓаните сметаат дека состојбата во економијата е добра. Конечно, истите резултати се пријавени во Албанија и Северна Македонија, каде 40 отсто од граѓаните ја опишуваат состојбата како добра.
Во ЕУ, 39% од граѓаните во просек велат дека состојбата на економијата на нивната земја е добра, додека 60% велат дека е лоша.