Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Европа го возврати ударот на Трамп: Одлучно против неоправданите американски царини 

Европската комисија соопшти дека ќе реагира „веднаш и решително против неоправданите пречки за слободната и фер трговија“, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговата администрација наскоро ќе објави воведување царини од 25 отсто на увозот од Европската унија. 

Портпаролот на ЕК, како одговор на барањето за коментар на најавите на Трамп, исто така рече дека ЕУ ќе реагира „кога тарифите ќе се користат за оспорување на законски и недискриминаторни политики“, објави Ројтерс. 

„Европската унија е најголемиот слободен пазар во светот. И тоа беше благодет за Соединетите држави“, рече портпаролот. Тој рече дека „ЕУ секогаш ќе ги штити европските компании, работници и потрошувачи од неоправдани царини“. 

Портпаролот рече дека со создавањето на голем и интегриран единствен пазар „ЕУ ја олесни трговијата, ги намали трошоците за американските извозници и ги усогласи стандардите и регулативите во 27 земји“. „Како резултат на тоа, американските инвестиции во Европа се многу профитабилни. 

Европа се залага за дијалог, отвореност и реципроцитет. Подготвени сме за партнерство ако играте според правилата. Но, ќе ги заштитиме нашите потрошувачи и бизниси на секој чекор. Тие не очекуваат ништо помалку од нас“, заклучи портпаролот. 

Трамп претходно денеска изјави дека одлучил да воведе царини од 25 отсто за увоз на стоки од ЕУ „во општа смисла“, додавајќи дека тие тарифи конкретно ќе го таргетираат увозот на автомобили. Според него, царините ќе важат за сите стоки, но особено нагласи дека тие ќе ја погодат европската автомобилска индустрија. Тој ја критикуваше ЕУ како ентитет кој е „формиран за да ги измами Соединетите Држави“, според њујоршката ТВ мрежа NBC. По коментарите на Трамп, еврото благо ослабе, пад од 0,2 отсто во однос на американскиот долар.

Зачлени се на нашиот е-билтен