ЕЦБ се надева дека до почетокот на следната година ќе бидат донесени сите политички одлуки неопходни за иницирање на издавањето на дигиталното евро.
После тоа, ќе бидат потребни уште две до три години за оваа валута да заживее и да стане достапна за корисниците, рече во четвртокот членот на Управниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Циполоне.
ЕЦБ со години работи на воведување на дигитална верзија на еврото, но напредокот е многу побавен од очекуваното, главно поради тоа што се уште нема законска рамка што би и овозможила на ЕЦБ да преземе поконкретни чекори кон реализација на тој проект.
Финансиската нестабилност откако американскиот претседател Доналд Трамп дојде на власт во јануари оваа година дополнително ја зголеми итноста за преземање мерки, имајќи предвид дека Европа се потпира на големите американски компании за процесирање на повеќето дигитални трансакции – што може да претставува сериозна ранливост на финансискиот систем, пишува Financije.hr, пренесува Б92.
„Се надевам дека се ќе биде завршено до почетокот на следната година, и тоа многу рано… Неопходно е да се донесе законска рамка, а потоа две до три години ќе бидат доволни за да се пушти во употреба дигиталното евро“, рече Циполоне на конференција како одговор на прашање за временската рамка за усвојување на потребните прописи.
За разлика од плаќањето со кредитни картички како Visa или Mastercard, корисниците кои би ја користеле дигиталната валута би имале директни побарувања од централната банка на еврозоната, а нивните средства функционално и сигурно би биле слични на готовина. Ова ќе им овозможи на граѓаните директно да плаќаат, и онлајн и во физичките продажни места.
Циполоне додаде дека клучната пречка е постигнувањето политички договор на сите земји-членки на ЕУ, но оти верува дека тоа може да се постигне „пред лето“. Сепак, законодавните процедури во Европскиот парламент би можеле да траат подолго, додаде тој. На прашањето дали Трамп и неговите потези би можеле да го забрзаат процесот на воведување на дигиталното евро, гувернерот на Централната банка на Франција Франсоа Вилерој де Гало рече дека Трамп ја „засилил решителноста“ на ЕЦБ да продолжи да ја развива дигиталната валута.
Циполоне уште во јануари изјави дека е неопходно брзото воведување на дигиталното евро, како одговор на Трамповата промоција на таканаречената валута „стабилкоин“ – типови на криптовалути кои се врзани за американскиот долар, што во теорија ги прави постабилни од традиционалните крипто инвестиции. ЕЦБ смета дека популарноста на таквите платежни средства може да предизвика повлекување на пари од традиционалниот банкарски систем, што потенцијално може да ја загрози стабилноста на европскиот финансиски систем.
Дигиталното евро би функционирало како електронски паричник, гарантиран од ЕЦБ, но управуван од комерцијални банки. За користење на дигиталното евро не би била потребна банкарска сметка, но износот што граѓаните би можеле да го држат во дигитална форма најверојатно ќе биде ограничен на неколку илјади евра.