Европската еврејска асоцијација бара „декриминализација на обрежувањето во Белгија“ 

 Европската еврејска асоцијација (EJA) упати писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен со кое се бара ЕУ да преземе мерки за „декриминализација на обрежувањето во Белгија“. 

Писмото на ЕЈА следи откако во текот на мај во белгискиот град Антверпен полицијата уапси три лица кои вршеле еврејско обредно обрежување, со образложение дека тие ја вршат процедурата без соодветна медицинска обука.  

EJA во писмото до Фон дер Лајен бара ЕУ јавно да ја потврди посветеноста на почитувањето на верските слободи и да се вклучи во дијалог со белгиските власти „за да се спречи иден прогон поради еврејските религиозни практики“. 

Според Асоцијација, приведувањето на лицата што вршат обрежување претставува директно кршење на верските слободи и би можеле „повторно да разгорат некои од најтемните поглавја во европската историја“.  

По повод писмото, претседател на EJA, рабинот Менахем Марголин изјави дека обрежувањето е света еврејска заповед што безбедно се извршува илјадници години.  

– Со обидите тоа да се криминализира не само што се загрозува еврејскиот начин на живот, туку и основните европски вредности на верски слободи и човечко достоинство, додаде Марголин. 

Според Јавното обвинителство на Антверпен, трите лица бил приведени врз основа на жалба од припадници на еврејската заедница дека обрежувањето не го вршат медицински професионалци. 

Обвинителството посочува дека истрагата не е насочена против обрежувањето, туку за медицинските процедури со кои тоа се спроведува.  

Зачлени се на нашиот е-билтен