Европската унија е за застапување за животната средина и за подобрување на климата, но според последните најави веќе не сака да плаќа за тоа.
Европската комисија им кажала на еколошките невладини организации дека парите што ги добиваат од зелените фондови на ЕУ повеќе не можат да се користат за работа за застапување и лобирање.
Потегот на Комисијата е последен во серијата одлуки кои ги повторуваат антизелените предизборни ветувања на централнодесничарската Европска народна партија за време на изборите во ЕУ, вклучително и намалување на статусот на заштита на волците, одложување на стапувањето во сила на новите правила притв уништување на шумите, како и планот за поедноставување на обврските за известување за одржливост за компаниите. Сите овие идеи беа во манифестот на кампањата на ЕПП.
Писмата – испратени од агенцијата на ЕК задолжена за проектот зелен договор, CINEA – се однесуваат на пари од грантови од фондот за проекти за животна средина на ЕУ познат како LIFE, кој предвидува 5,4 милијарди евра средства помеѓу 2021 и 2027 година. Добитниците вклучуваат големи имиња како WWF, Пријатели на Земјата и ClientEarth, како и многу помали добротворни организации.
Според едно од писмата, активности за лобирање кои се насочени кон функционери и институции на ЕУ – кои претходно се сметаа за прифатливи – повеќе нема да бидат прифатливи за финансирање. Тие вклучуваат „организирање состаноци или обезбедување материјал за застапување“ на одредени институции или функционери на ЕУ, или „идентификување на одредени членови или службеници на институција за да се оценат или опишат нивните позиции или да се разговара за одредена политичка содржина или исход“, се наведува во писмото, додавајќи дека ваквите активности „може да повлечат ризик за угледот за Унијата“.
На невладините организации финансирани од програмата LIFE сè уште ќе им биде дозволено да спроведуваат помалку наметливи комуникациски активности, како што се изработка на „политички брифови или други истражувачки трудови“ и одржување „работилници, конференции, обуки или кампањи за подигање на свеста“, се наведува во писмото.
Непрофитните организации кои добиваат грант пари од Програмата LIFE мора да ги прегледаат своите работни текови за 2024 година и да ги отстранат сите активности кои би се сметале за лобирање, се вели во писмата.
Еден менаџер за политика од една невладина организација која работи во Брисел, за Политико рекол дека потегот на Комисијата е „тенко прикриен обид да се ограничи оперативниот простор на невладините организации“ и „покренува сериозна загриженост за мотивите зад таквата ненадејна и извонреден потег“.
Две други непрофитни организации, исто така, за Политико потврдиле дека добиле слични писма од CINEA.
Европската комисија не одговори на барањето на ПОЛИТИКО за коментар до моментот на објавување.
Некои невладини организации тврдат дека одлуката за ограничување на нивното лобирање директно противречи на целта на финансирањето. „Целите на програмата LIFE е поддршка на Комисијата во развојот на политиките, во спроведувањето на политиките. Тие сакаат да бидеме вклучени“, рече менаџерот за политики цитиран погоре.
Според програмата LIFE, ЕУ поддржува стотици еколошки и климатски проекти. Исто така, нуди оперативни грантови за невладини организации кои „играат важна улога во подигнувањето на свеста за прашањата за животната средина“ и „придонесуваат во процесот на донесување одлуки преку координирање и канализирање на ставовите на нивните мрежи на граѓани“, според веб-страницата на Комисијата.
Некои од засегнатите невладини организации се состанаа со одделот за животна средина на Комисијата минатиот четврток за да разговараат за спроведувањето на новите насоки на извршната власт на ЕУ.
Зелените групи – на кои им беше кажано да ги направат промените до првата недела од декември – исто така треба да поднесат амандмани на договорите за грантови што ги потпишаа во јануари со ЕУ за да ги добијат тие пари и да ги вклучат промените.
Но, според писмата, Комисијата неодамна ги разгледала условите под кои доделува средства за активности поврзани со политиката на ЕУ.
Недозволувањето на невладините организации да го користат финансирањето на LIFE за застапување би било силно менување на политиката од Комисијата бидејќи првично се сметаше за средство за обезбедување рамнотежа на интересите на корпоративното лобирање. Тоа би имало и големи последици врз функционирањето на некои зелени групи кои во голема мера се потпираат на парите на ЕУ за нивните операции.
Во последниве месеци се зголемува притисокот врз Комисијата да го разгледа начинот на кој таа ја финансира работата на невладините организации.
За време на предизборната кампања на ЕУ, ЕПП повика на „поголема одговорност и транспарентност за невладините организации, особено оние кои пристапуваат до финансирањето на ЕУ“.
Но, на други места во политичкиот спектар, пратениците во Европскиот парламент, исто така, изразија загриженост за моќта за лобирање на зелените невладини организации.
Во последниот мандат, европратениците од екстремно десничарските и тврдодесничарските партии поднесоа десетина прашања до Комисијата во кои се критикуваше лежериот пристап кон финансирањето на невладините организации и нивните активности за лобирање во балонот на ЕУ.