Поставувањето европски воен контингент во Украина би можело да биде една од гаранциите за мир во земјава по завршувањето на војната со Русија, изјави неименуван висок украински функционер за АФП.
Според изворот, кој сакал да остане анонимен, прекин на огнот нема да биде доволен за решавање на проблемот, бидејќи, како што изјавил, Владимир Путин секогашго прекршува примирјето.
„Затоа ни се потребни гаранции, а присуството на воени контингенти може да биде една од нив“, нагласил украинскиот функционер, додавајќи дека Киев „генерално ги поддржува сите идеи кои имаат цел да се гарантира сигурноста на мирот“.
Тој додал дека идејата за распоредување европски војници во Украина не е идеја на Киев, туку доаѓа од европските кругови.
„Гледаме дека Европа бара решенија за да избегне ескалација на војната … Францускиот претседател Емануел Макрон очигледно е иницијатор на таа идеја“, изјавил украинскиот функционер.
За таа идеја било разговарано денеска во Варшава на средбата меѓу Макрон и полскиот премиер Доналд Туск.
Туск, сепак, рече дека „засега Варшава не планира такви акции“.
Повеќето западни сојузници ја отфрлија таквата можност во минатото.
Во Европа во моментов постои страв од американско повлекување од конфликтот во Украина, па дури и од притисок од Вашингтон за договор на штета на Киев, со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа на 20 јануари. Новоизбраниот американски претседател повика на „итен прекин на огнот“ и преговори меѓу Киев и Москва.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, од своја страна, рече дека сака повеќе испораки на оружје и повеќе безбедносни гаранции од неговите западни сојузници пред какви било преговори со Москва.