Оваа недела се навршуваат 30 години од геноцидот во Сребреница, каде што илјадници босански муслимани беа убиени или исчезнаа, а десетици илјади други беа насилно протерани од енклавата, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во обраќање на комеморацијата во ЕП по повод 30-та годишнина од геноцидот во Сребреница.
„Трагично, но многу од жртвите остануваат неидентификувани“, рече Мецола на комеморацијата со која започна овонеделното заседание на Европскиот парламент во Стразбур.
Мецола информира дека на комеморацијата присуствуваат и двајца преживеани од масакрот Алмаса и Алмир Салиховиќ. Алмаса, како што истакна Мецола, била одвоена од своето семејство и дури подоцна дознала дека нејзиниот постар брат Абдула е погубен, додека Алмир шест дена се криел во шумата за да избегне погубување.
„Алмаса и Алмир, ви благодариме што сте тука. Вие не потсетувате дека зад секое име и број, стои личност. Семејство“, додаде Мецола.
Таа нагласи дека Европскиот парламент им оддава почит на сите преживеани во Сребреница, исто како што продолжува да ги одржува живи спомените на жртвите од масакрот.
„Нека солзите на мајките станат молитви, никогаш повеќе да не се случи Сребреница“, го заврши Мецола обраќањето цитирајќи го овој дел од „Молитвата за Сребреница“.
Претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши денеска на неделниот брифинг со новинарите, информираше дека Одбележувањето на 11 Јули – Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница ќе се одржи на 9 јули.
Тој рече дека со седницата за одбележувањето ќе претседава собраниски службеник а не претставник на невладинте организации, за да не се повтори скандалот од минатата година кога сеќавањето на жртвите беше злоупотребено за молитва во Законодавниот дом.