Европскиот парламент ќе ги разгледа денеска извештаите за Србија и за Косово, а попладнево известителите на ЕП за Србија и за Косово, Тонино Пицула и Рихо Терас, ќе одржат заедничка прес-конференција.
Во нацрт-извештајот за Србија за 2023 и 2024 година, е истакнато дека, и покрај одреден напредок, Србија се уште се соочува со значајни предизвици, вклучувајќи подобрување на внатрешниот политички дијалог, зајакнување на владеењето на правото и реформите во борбата против корупцијата, постигнување на сеопфатен договор за нормализација со Косово и целосно усогласување со надворешната политика на ЕУ.
Системските проблеми нагласени од студентските протести низ цела Србија се наведени како особено загрижувачки.
Со загриженост поради наводите за ограничувања на граѓанските слободи, недостаток на институционална и финансиска транспарентност, како и политички притисоци врз академската заедница, извештајот ги осудува „неоснованите обвинувања од страна на српските власти“ дека земјите-членки на ЕУ биле вклучени во организирање студентски протести со цел да предизвикаат „обоена револуција“.
ЕП потврдува дека барањата на студентите се во согласност со реформите што се очекуваат од Србија на нејзиниот европски пат.
Во текстот се наведува дека масовните протести одржани на 15 март во Белград „претставуваат најголемите протести во модерната историја на Србија и се повикува на непристрасна истрага за тврдењата дека против демонстрантите била употребена нелегална технологија за контрола на толпата, како резултат на што неколку од нив биле повредени“, јавија српските медиуми.
Во извештајот се нагласува потребата од почитување на договорот меѓу Белград и Приштина, вклучително и формирањето на Заедницата на српски општини, како и итно гонење на одговорните за нападот во Бањска во 2023 година.
Во извештајот што ќе им биде презентиран на пратениците на ЕП, исто така се нагласува дека обезбедувањето независност на клучните институции, вклучително и Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и целосното спроведување на сите преостанати и најнови препораки на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (OEBS/ODIHR) и телата на Советот на Европа во врска со изборните реформи, преку транспарентен и инклузивен процес и многу пред да се одржат какви било нови избори, исто така остануваат од клучно значење.
Извештајот и резолуцијата на Тонино Пицула претставуваат одговор на Европскиот парламент на извештаите на Европската комисија за Србија за 2023 и 2024 година.За резолуцијата заснована на извештајот ќе се гласа в среда, 7 мај.