Европското јавно обвинителство ја истражува злоупотребата на средствата од фондовите на ЕУ во случајот со Железничката станица во Нови Сад

Европското јавно обвинителство, предводено од Лаура Ковеси, во моментов истражува можна злоупотреба на средствата од фондовите на Европската унија во случајот со реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, објави денеска порталот Јуропијан Вестерн Балканс (European Western Balkans).

„Поради многу големата заинтересираност во јавноста, Европското јавно обвинителство потврдува дека во тек е истрага за можна злоупотреба на фондовите на ЕУ кога станува збор за Железничката станица во Нови Сад. За да не се загрози исходот од оваа истрага, не можеме јавно да објавиме никакви дополнителни детали“, соопштија од канцеларијата за комуникации на Европското јавно обвинителство.

Исто така, се наведува дека Европското јавно обвинителство мора да одлучи за вршењето на својата надлежност „кога е извршена измама во однос на фондовите на ЕУ доделени на земји кои не се членки на ЕУ или на земји-членки кои не се учеснички“.

„Со оглед на тоа што штетата на финансиските интереси на ЕУ е составен дел на кривичното дело измама, кога таа штета се случува во Белгија или Луксембург (бидејќи таму се исплаќаат средства, каде што се наоѓаат институциите на ЕУ), постои надлежност на тие земји-членки, а со тоа и надлежност за Европското јавно обвинителство без оглед на тоа каде се случило тоа, т.е. на територија на третата земја, се наведува во соопштение на канцеларијата.

Европското јавно обвинителство е надлежно за истражување, гонење и изведување пред лицето на правдата на сторителите на кривични дела против финансиските интереси на ЕУ.

Тие дела, како што се наведува, опфаќаат разни видови измами, даночна измама со ДДВ во износ од над 10 милиони евра, перење пари, корупција и друго. 

Зачлени се на нашиот е-билтен