Наспроти предизвикувачкото опкружување од последните години, европските економии покажаа значителна отпорност, а добро координираните и здрави политики обезбедија економска стабилност и намалување на инфлацијата, што го поттикна закрепнувањето на приходите на домаќинствата и подобрувањето на условите за финансирање, се наведува во заклучоците од Евросамитот, што се одржа во рамки на денешната средба на лидерите на земјите членки на ЕУ во Брисел.
„Геополитичките ризици и неизвесности дополнително се зголемија. Остануваме обединети во нашата цврста определба да ја зголемиме отпорноста и конкурентноста на нашите економии“, се наведува во документот во кој се посочува и дека пазарот на трудот на ЕУ останува отпорен на предизвиците.
Во заклучоците се поздравува напредокот на Бугарија во напорите за премин на еврото, врз основа на договорените критериуми и се додава дека „со нетрпение се очекуваат оценките на Комисијата и Европската централна банка“ за овие постигнување на земјата.
Во документот се изразува и посветеноста на обезбедување „здрави и добро координирани макроекономски политики“, кои ја подобруваат продуктивноста и ги зголемуваат инвестициите, со цел да поттикнеме посилни економии кои обезбедуваат одржлив и поинклузивен раст.
„Ја охрабруваме Еврогрупата да остане внимателна во следењето на развојот на фискалната политика, поттикнувајќи ја координацијата за да се придонесе за кохерентен микс на политики“, се додава во текстот.
Учесниците на Евросамитот го нагласуваат и „чувството на итност и заедничката одговорност“ за брз и одлучувачки напредок кон изградба на Унијата за штедење и инвестиции, со посебен фокус на Унијата на пазари на капитал, за да се мобилизираат заштедите и да се овозможи финансирањето на потребните инвестиции за поддршка на конкурентноста на ЕУ.
„Во пофрагментиран и дигитален свет, забрзувањето на напредокот на дигиталното евро е клучно за поддршка на конкурентен и прилагодлив европски систем за плаќање, што ќе придонесе за економската безбедност на Европа и за зајакнување на меѓународната улога на еврото“, се додава во заклучоците на Евросамитот.